Со оглед дека станува збор за градско претпријатие чие успешно функционирање, особено од финансиски аспект, е многу важно за Град Скопје, неразбирливо е зошто мнозинството советници толку време не дозволуваа вработените од претпријатието да се преселат во канцелариите во гаражата, а потоа на последната седница без никаква дискусија и објаснување одеднаш да го прифатат овој предлог. Вработените во јавното претпријатие „Градски паркинг“, кои со години се сместени во простории што се во сопственост на Државната лотарија на Македонија, конечно добија согласност од градските советници да се преселат во просториите на катната гаража „Беко“ и да не плаќаат повеќе големи кирии за канцелариски простор.
Советот на Град Скопје, две и повеќе години не даваше согласност за ваквиот предлог и конечно на последната седница гласаа „за“ и советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, со што се овозможи преселбата, која ќе значи големо олеснување на буџетот на јавното претпријатие. Сопственик на катната гаража „Беко“ е Град Скопје, па токму затоа „Градски паркинг“ побара Градот да му излезе во пресрет во решавање на потребите на претпријатието од аспект на сместување на дел од вработените. Претпријатието не располага со сопствен административен простор, поради што досега се издвојуваа значителни финансиски средства за таа намена. Но, иако сопственик е Град Скопје, со неа располага Советот на Град Скопје.
Токму со одлука на Советот од 2015 година со просторот во катната гаража може да располага „Градски паркинг“, но само во функција да ја врши дејноста паркирање, а не и да користи дел од просторот за канцеларии, иако гаражата „Беко“ располага и со деловен простор. Со оглед дека станува збор за градско претпријатие чие успешно функционирање, особено од финансиски аспект е многу важно за Град Скопје, неразбирливо е зошто мнозинството советници толку време не дозволуваа вработените од претпријатието да се преселат во канцелариите во гаражата, а потоа на последната седница без никаква дискусија и објаснување одеднаш да го прифатат овој предлог.
Но, во изминатиот период многу аспекти од дејствувањето на Советот и на градското раководство остануваат нејасни, затоа што граѓаните се сведоци дека повеќето активности се сведуваа на меѓусебно инаетење и надмудрување. Сега со преселбата на вработените во катната гаража, како што наведоа од Град Скопје, ќе се создаде функционална целина во остварувањето на дејноста паркирање, а трошоците ќе се намалат со оглед на тоа дека Градот му го дава овој простор на користење на „Градски паркинг“ без никаков надоместок. Истовремено ќе се создадат претпоставки за финансиско зајакнување на претпријатието, од аспект на намалување на трошоците по основ на закуп на деловен простор.
Во тој контекст, Град Скопје е основач на ЈП „Градски паркинг“ и претпријатието како такво е во сопственост на Градот, што произлегува од член 67 од Законот за локалната самоуправа дека јавните служби основани од општината се нејзина сопственост – беше наведено во образложението на прелог-одлуката. Според усвоената одлука, Град Скопје на ЈП „Градски паркинг“ му дава на користење недвижни ствари – деловен простор со вкупна површина од 451 метар квадратен, сопственост на Градот, што се наоѓа во катната гаража „Беко“ лоцирана на улицата Даме Груев во строгиот центар на Скопје. Најголемиот дел од вработените ќе бидат сместени во канцеларии на приземјето, а помал дел на првиот кат и на подземното ниво, каде што им се на располагање 58, односно 57 метри квадратни.