Ѕидот кој има функција на ограда на Клиничкиот центар е надлежност на Министерството за здравство, односно негова изградба/реконструкција може согласно законските и подзаконски акти да прави единствено Министерството или негов орган овластен за истото, за што од страна на инспекторатот на општина Центар е издадено Решение за постапување”, велат од Град Скопје.
Денеска претставниците од Центарот за управување со кризи (ЦУК), Градот Скопје и Општина Центар на заедничка координативна средба го разгледуваа прашањето за потпорниот ѕид и подземните води на улицата „Белградска“.Државниот советник за организација и функционирање на Системот за управување со кризи Драги Тарчуговски посочи дека акутно и веднаш може да се направи поправка на оградата на потпорниот ѕид, како што рече, што е во надлежност на Министерството за здравство.
„На состанокот сеопфатно се разгледа ова прашање. Долгорочно проблемот е многу посериозен и поголем, особено кога станува збор за целосно зафаќање на подземните води од Водно, зашто дел од канализациската мрежа која е изградена во 50-тите години од минатиот век е уништена или затрупана, а дел се одржува. Значи, потребна е реконструкција и целосно нова изградба на нов систем, што е долгорочно решение кое може да трае со години или цела деценија. Но, тоа е државен проблем кој ќе се решава во иднина“ – вели претставникот од ЦУК.