Скопјани апелираат до градоначалничката и до јавното претпријатие задолжено да го одржува градот чист, да преземат мерки за да не се загрози здравјето на жителите, а од друга страна „Комунална хигиена“ вината ја префрла на несовесните граѓаните и тврди дека се интензивирани активностите за одржување на јавната хигиена. Исушени треви и растенија како во длабока есен, нечисти улици, смрдливи контејнери и ѓубре на сите страни, вака изгледа Скопје среде лето, на температура од плус 40 степени. Она што сериозно ги загрижува граѓаните е ниското ниво на јавна хигиена во градот, дивите депонии и преполните контејнери, па социјалните мрежи се преплавени со фотографии од ѓубре и апели до градоначалничката и до јавното претпријатие задолжено да го одржува чисто Скопје, да преземат мерки за да не се загрози здравјето на жителите. Се бара и оставка од Данела Арсовска поради лошото функционирање на двете јавни претпријатија, кои треба да ги обезбедат основните услуги за нормално живеење, јавен превоз и хигиена.
Од друга страна, од ЈП „Комунална хигиена“ постојано тврдат дека редовно ги празнат контејнерите, дека чистат диви депонии создадени од несовесни граѓани, се фалат дека ги мијат улиците со цистерни и дека ги мијат контејнерите и локациите околу нив. Оттаму вината ја префрлаат на скопјани, кои фрлаат каде ќе им текне и апелираат да престанат со таквите непрописни навики.
Во моментов во тек е акција на претпријатието за бесплатно собирање комунален отпад, па специјални контејнери се поставуваат последователно по неколку денови во секоја од скопските општини. Но, очигледно за жителите на општините поставувањето на контејнери на три-четири локации во цела општина и само по неколку денови е малку за да се ослободат од стариот мебел од своите домови. Поради тоа, на пример во Ѓорче Петров, и по тргањето на специјалните контејнери, жителите и во наредните денови продолжија да го оставаат кабастиот отпад на истите локации, на последна 5-ка и кај старата полициска станица, создавајќи диви депонии.
Зошто контејнерите не се остават на сите локации во сите општини сè додека трае акцијата, а не само по неколку денови во секоја и има ли можност поради потребата на жителите повторно да се постават, од „Комунална хигиена“ велат дека граѓаните навреме биле известени за распоредот на поставување контејнери за бесплатно собирање кабаст отпад во општините. Според објавениот распоред, акцијата во општината Ѓорче Петров се одвиваше во периодот од 3 до 8 август 2024 година. Во моментов е во тек акција во скопската општина Центар, по што етапно ќе се продолжи и низ другите скопски општини. Секако дека ја имаме предвид настанатата состојба на наведените локации во општината Ѓорче Петров и нашите екипи во текот на изминатиот викенд продолжија со активности за отстранување на новонастаните диви депонии – одговараат од „Комунална хигиена“.
Навистина, отпадот на двете локации во меѓувреме беше исчистен, но останува нејасно зошто е потребно отпосле да се чистат депонии кога комуналците можеа да ги остават контејнерите додека трае акцијата. Освен доколку немаат доволно такви наменски садови за кабаст отпад, односно ако располагаат со толку колку да се постават на четири локации во една општина истовремено.
Денеска пак од „Комунална хигиена“ соопштија дека и преку ноќ чистеле кабаст отпад од диви депонии. Како што посочија, биле отстранети приближно 60 метри кубни непрописно фрлен кабаст, градежен и мешан комунален отпад на улиците Женевска и Васил Чакаларов во општина Карпош, а интервенирано било и на улицата Брадфордска, во непосредна близина на ресторанот „Македонска куќа“.
Но, заборавија да соопштат дека станува збор за локациите каде во оваа општина до понеделникот беа поставени специјалните контејнери. Оттаму тврдат дека отпадот бил исфрлен откако садовите биле испразнети. Отстранетите диви депонии се лоцирани претежно околу контејнерите наменети за одлагање комунален отпад, а се создаваат во периодот кога садовите се сосема празни и отпадот може да се одложи во нив, посочуваат од претпријатието и апелираат до граѓаните да престанат со непрописно и несовесно исфрлање отпад на јавни површини – велат од јавното претпријатие. Но, очигледно е дека и карпошани имале потреба акцијата на комуналците да трае подолго од предвиденото.
На почетокот на месецот од „Комунална“ најавија дека ќе ги интензивираат активностите за одржување на чистотата и хигиената во градот и дека ќе спроведат акција за детално миење и чистење на контејнерите за комунален отпад, како и на околното подрачје, со цел да се задржи високо ниво на хигиена и да се подобри изгледот на јавните површини.
Можеби некој од граѓаните во изминатите недели забележал дека некаде во некоја населба низ Скопје ова се прави.