Постапката за утврдување одговорност од страна на ДКСК е иницирана во рамки на законските рокови и на законски утврдените надлежности на Комисијата – велат од Антикорупциската комисија откако Судскиот совет вчера ја отфрли како ненавремена нејзината иницијатива за утврдување на одговорност на членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО). „Иницијативата за поведување на постапка за утврдување на одговорност е поднесена во рокот од 15 дена од приемот на последната одлука донесена од страна на Вишиот управен суд на Република Северна Македонија, во врска со конкретниот случај, а во согласност со Законот за спречување на корупцијата.
И покрај тоа, сакаме да истакнеме дека рокот од 15 дена не е преклузивен рок, истиот е инструктивен рок, односно со негово пропуштање на се губи правото за преземање на определено дејствие, бидејќи нема одредба во Законот која предвидува последица од непостапувањето по тој рок“ велат од Антикорупциската комисија. Оттаму посочуваат дека за вчерашната одлука на Судскиот совет биле информирани едиствено преку медиумите, а оти по официјалниот прием на одлуката ќе бидат искористени сите правни средства оспорување на истата.
Најголем императив во постапувањето на Судскиот совет, оценуваат од ДКСК, треба да биде санкционирање на пријавените, особено што нивното постапување надвор од законските рамки е утврдено со одлука на Државната комисија за спречување на корупцијата, а потврдено од Вишиот управен суд, во законски утврдените рокови. „ДКСК останува посветена на промовирање на транспарентност и отчетност и нема да отстапи од својата мисија да дејствува одлучно во заштитата на јавниот интерес. Комисијата останува посветена на соработката со сите надлежни институции и на примената на сите достапни правни средства за постигнување на своите цели. Остануваме отворени за комуникација и информирање за сите понатамошни чекори во врска со оваа постапка“ додаваат од ДКСК.
Со девет гласа „за“ и два „против“ Судскиот совет вчера ја отфрли како ненавремена иницијативата на Антикорупциска за утврдување на одговорност на членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО). Иницијативата на ДКСК до Судскиот совет беше поднесена во мај годинава поради прекршување на Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, како и на Изборниот законик.