д-р Сашо Дохчев/Фото: Принскрин
Карциномот на простата е на прво место во САД , а во Европа е на второ место по смртоност од карциноми кај мажи, по белодробниот канцер. Во светот годишно заболуваат 400.000 мажи, од кои дури 170.000 умираат. Ракот на простата во Македонија е во пораст, а годишно заболуваат околу 70 нови пациенти. Во месецот на „Машко здравје“- ноември, во утринската програма на „Слободен печат“ на Слободна ТВ разговаравме со д-р Сашо Дохчев, директор на Клиниката за урологија.
-Карциномот на простатата доколку се открие навреме со терапија може да се излечи во 98% од случаите. Расте свеста кај машката популација за превентивни прегледи за што сведочат и бројките во нашите амбуланти. Само во октомври имавме над 500 прегледи. Уролозите се секогаш најповикани да зборуваат за машкото здравје. Освен карцином на простата има доста заболени и со карциноми на тестиси и на пенис- вели Дохчев.Тој објаснува дека за жал немаат прецизна бројка колку заболени има годинава од карцином на простата, тестиси и пенис, но го радува фактот дека Македонците се почесто одат на превентивни прегледи.
-Од искуство можам да кажам дека 45 година е крајна возраст да се јават кај уролог за преглед, посебно на тие кои имаат семејна генеза. Ако таткото или дедото имале карцином, веројатноста е голема да ја има и синот или внукот. Повеќе од 70 биопсии на простата се направени за еден месец во нашата Клиника, а скоро секој ден се оперира по еден- вели Дохчев.
-Најмладиот пациент опериран од карцином на простата е на 45 годинии и тој нормално живее веќе 13 години- објаснува докторот.
Тој апелира до сите млади да прават самопреглед како превентива за рак на тестиси.
– Апел до сите млади мажи кои на допир ќе почувствуваат нешто, па макар и кожна промена, веднаш да се јават на уролог. Препорака до матичните лекари кога ќе дојде пациент за обична крвна слика да му посочат дека треба да направи ПСА тумор маркер кој ни дава некаква слика за тоа дали треба да се прават понатамошни контроли- вели Дохчев.
Тој објаснува дека ако роднина од прво колено татко или брат боледувал од рак на простатата, ризикот за појава на оваа болест кај останатите машки членови е голема. Лекувањето на ракот на простатата вклучува оперативен зафат, придружен со радиотерапија или хемотерапија, како и примена на одредени лекови.
– Табу тема е одењето на уролог кај мажи. Се прави ехо, ректален преглед кој е најнезгоден. Интернисти гледаат на ехо, ако има нешто сомнително се прави ПСА маркер, па преглед, па биопсија, магнет и операција на крај – вели Дохчев.