„Денес успешно завршуваме проект чиј главен фокус беше решавањето на едни од најголемите предизвици со кои се соочуваме како општество – долгорочната невработеност и зависноста од гарантираната минимална помош, кажа министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши во обраќањето на завршниот настан од реализација на тригодишниот ИПА проект „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“ во организација на Агенцијата за вреботување.
Министерот истакна дека на почетокот на овој проект, поставвена е амбициозна цел: ранливите групи да добијат можност за економска независност, преку вклучување во специјализирани програми за развој на вештини и услуги. „Преку Програмата за советување и мотивација на невработените лица од ранливите категории им помогнавме да го надминат својот страв од новото и непознатото и да направат чекор кон активна вклученост на пазарот на трудот.
Советувањето и менторската поддршка не беа само технички алатки, туку вистинска поткрепа, која овие лица ја почувствуваа како поттик за промена. Втората компонента, Програмата за поддршка за вработување преку обуки, е клучот кон иднината на многу луѓе. Во неа беа вклучени пет мерки кои, директно влијаеа на подобрување на вештините и вработливоста на нашите граѓани. Завршените обуки за побарувани занимања на пазарот на трудот, значат дека денес имаме повеќе луѓе подготвени да се вклучат во работната сила и да одговорат на потребите на пазарот.
Овие обуки не беа само начин за стекнување на вештини – тие на невработените лица ќе им отворат врати за нови можности и професионален развој. Обуката на работно место ги подготви невработените лица за реални предизвици на работните места, а со обврската на работодавачите да вработат најмалку 50% од обучените лица, осигуруваме дека овие обуки ќе водат кон реални работни позиции.
Преку субвенционираното вработување невработените лица добија шанса да влезат на работа со директна финансиска поддршка. Тие луѓе денес имаат можност да изградат кариера и да придонесат за развојот на економијата. Програмата за практикантство пак, не само што ги подготви овие луѓе за идните работни позиции, туку ја зајакна врската помеѓу образованието и пазарот на трудот. Практичната работа е клучен елемент во развојот на секој професионалец.
И конечно, Пилот-програмата Втора шанса не само што ја зголемува вработливост на невработените лица, туку им дава надеж за подобра иднина. Со ова докажуваме дека никогаш не е доцна да се вложи во себе и да се создадат нови можности, наброја министерот Дурмиши. Според министерот проектот покажа дека со правилна стратегија, соработка и посветеност можеме да постигнеме многу.
„Резултатите од проектот не се само статистика, туку луѓе кои добија поддршка, нови можности и полесен пристап до работни места.Верувам дека научените лекции од овој проект ќе ни послужат како темел за идни иницијативи со кои ќе ја подобруваме вработливоста, ќе ја зголемуваме вработеноста и ќе овозможиме социјална инклузија на пазарот на трудот“ кажа министерот Дурмиши.
Со почит
Одделение за односи со јавност