Ердоган оди по патот на Садам Хусеин и се заканува дека ќе го нападне Израел. Треба само да се сети што се случи таму и како заврши, напиша шефот на израелската дипломатија, Израел Кац, на социјалната мрежа Икс.
Шефот на израелската дипломатија, Израел Кац, денеска на социјалната мрежа Икс одговори на заканите од турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
„Ердоган оди по патот на Садам Хусеин и се заканува дека ќе го нападне Израел. Треба само да се сети што се случи таму и како заврши“, напиша Кац на Икс. Ердоган синоќа изјави дека би можел да влезе во Израел за да им помогне на Палестинците како што направи некогаш во Либија и во Нагорно Карабах. Хусеин беше претседател на Ирак од 1979 до 2003 година. Тој беше соборен од западната коалиција предводена од САД. Американците го уапсија, а во 2006 година беше осуден на смрт за злосторства врз Курдите и врз шиитите. Казната беше извршена со бесење.
Последната изјава на Ердоган, Израелците ја протолкуваа како закана од инвазија. Односите меѓу Ерусалим и Анкара се тензични откако во октомври минатата година почна војната помеѓу Израел и Хамас. За Турција Хамас не е терористичка организација. Ердоган постојано ги обвинува и напаѓа Израелците. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го нарече „касапот на Газа“ и „воен злосторник“.