Топло време / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ
Бремени жени и возрасни луѓе над 60 години да бидат ослободени од работни обврски на 12 и 13 август поради топлотниот бран кој ја очекува земјава, се дел од превентивните мерки кои ги најави Владата. На денешната владина седница е разгледана информацијата за високите температури поради која е прогласена фаза 2 – портокалово ниво на топлотни бранови.
Во превентивните мерки е предвидено работодавачите да ги реорганизираат работните активности на градежните работници и на работниците кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење градежни и други работни активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
„Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот“, се вели во владиното соопштение.Во него е истакнато дека општините, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран се задолжени да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.