Заводот за ревизија денеска го објави ревизорскиот извештај за трошењето на градскиот буџет на Град Скопје за 2021 и една од констатациите е дека Забавниот парк кој требаше да го добие главниот град не е никаде на повидок, иако се платени високи суми на пари за 7 реквизити кои скапуваат по царински депоа. Во прилог на тоа, ДЗР ги објави и фотографиите објавени погоре, на кои може да се види како се третирани реквизитите. Од таму велат дека градското претпријатие „Паркови и зеленило“ им наплаќа закуп на летните дискотеки наместо истото место да се расчисти за забавните содржини.
Површината од 84.040 м2 претходно му била доделена од Владата на Град Скопје. Првиот договор од 2017 за изградба на „Луна Парк“ и монтирање на реквизити требало да чини 400.000.000 денари. За уредувањето на просторот биле доделени 101.417.000 денари со вклучен ДДВ, но целата површина не е опфатена затоа што дивите дискотеки го узурпирале просторот со бесправно изградени објекти.
Поради тоа, не е извршен квалитативен и квантитативен прием на набавената опрема за која се исплатени средства во износ од 104.389.000 денари, односно 80 отсто од вредноста на склучените договори. „Еден реквизит е сеуште под надзор на царинската управа бидејќи не е платена царина и увозни давачки, а останатите 6, се во лоша состојба изложени на надворешни влијанија се наоѓаат во магацински простор (отворен и затворен) во два јавни царински складови за кои се плаќа складишнина“, пишува во извештајот.
„Градот Скопје сеуште нема забавен парк, а потрошени се буџетски средства за набавка на опрема за која постои ризик од техничка неисправност истата да биде ставена во употреба, неизвесност по основ на поведени судски постапки, што упатува на недомаќинско работење и занемарен јавен интерес“, објави ДЗР.