Поради пренатрупаност во затворот „Идризово“, додека еден спие, другиот треба да седи буден и да чека ред бидејќи креветот го делат двајца затвореници, рече народниот правобранител Насер Зибери во гостување на тв 21. Рече дека состојбата е алармантна во затворот „Идризово“ и како што вели условите се бедни и нечовечни.
„Има ќелии за затвореници од само 1 метар кубен простор, има ќелии каде еден кревет го делат двајца затвореници, имаме дел од затворениците кои спијат по ходниците, имаме ќелии каде 50 затвореници користат еден тоалет“ нотира правобранителот. На прашање за хигиената, вели: „Каква хигиена може да има затвореници делат ист кревет, или кревет што е ставен во ходникот на бетон, или нема топла вода и греење.
Загрижувачки е фактот што околу 80% од 17 затвори колку што ги има во земјава, немаат лекар психијатар, општ лекар и нема процес на ресоцијализација“. Зибери вели дека земјава треба да преземе итно мерки за подобрување на условите во правец на проширување на капацитетите, за здравствена грижа, но и за проширување на човечките капацитети и за администрацијата.
„Да не зборуваме за внесувањето на недозволени предмети во затворите, како што се дрога, средства за комуникација итн. Состојбата во затворите во Македонија е многу тешка да не речам алармантна. Меѓународните стандарди велат дека еден чувар треба да се грижи за 15 затвореници, а знаете како е во Идризово, за 50 затвореници се грижи еден чувар. Така произлегуваат и други проблеми, напади од страна на затворениците врз чуварите и се става под знак прашалник безбедноста на самите чувари“ порача Зибери.