Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави дека воените капацитети на Хамас се сериозно оштетени по повеќе од 11 месеци војна, тврдејќи дека палестинската милитантна група повеќе не постои како воена формација во Газа, пишува Гардијан. „Хамас како воена формација повеќе не постои. Хамас е ангажиран во герилска војна, а ние сè уште се бориме против терористите на Хамас и го гаѓаме раководството на Хамас“, изјави тој за странските новинари.
Според Гардијан, Галант постојано се судрил со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и со тврдокорните националистички министри околу потребата да се постигне договор за ставање крај на војната и враќање на преостанатите заложници во замена за палестинските затвореници кои ги држи Израел. Нетанјаху е под голем притисок да постигне мировен договор со Хамас за кој се преговара веќе неколку месеци.
Главниот ќор-сокак во преговорите беше коридорот Филаделфија долж границата на Газа со Египет и коридорот Нецарим во внатрешноста на територијата. Нетанјаху инсистираше Израел да ја задржи контролата врз коридорите за да спречи шверц и да ги фати милитантните борци. Хамас бара целосно повлекување на израелските сили од Газа.