Со другите осудени за „27 април“ другарувавме, бевме едно семејство, делевме иста соба. Потоа почнаа хушкањата дека еден од виновниците за казната сум јас. Тие хушкања почнаа прво во интервју на Христијан Мицкоски, а Наум Стоилковски беше капакот, кога реков дека мора преземам нешто – рече Василевски-Нинџа пред судот.
Василевски-Нинџа го тужи Стоилковски за изречени тврдења на прес конференција дека „режимот на СДСМ/ДУИ пресуди над 200 години затвор врз основа на изјавата на Александар Василевски-Нинџа, а тој сега шета слободен по улиците“.
Василевски-Нинџа во Граѓанскиот суд рече дека во предметот „крвав четврток“, кој се однесува на упадот на толпа во Собранието на 27 април 2017 година, се бранел, а не ги напаѓал другите. Нинџа посочи дека во случајот бил обвинет, а не сведок.
Василевски рече дека не ги познава ниту Зоран Заев ниту Бојан Маричиќ, кои беа премиер и министер за правда во тој период. Како потврда дека се плашел и дека безбедноста му була загрозена наведе дека бил преместуван од еден во друг затвор.
– Со осудените лица од случајот „27 април“ другарувавме и бевме едно семејство, делевме иста соба. Потоа почнаа хушкањата дека еден од виновниците за казната сум јас. А тоа хушкање почна од телевизиски интервјуа на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски… Потоа бев пренесен во затвор „Скопје“ во Шутка. Наум Стоилковски е капакот кога реков дека мора се преземе некаква мерка, бидејќи притисокот веќе не можам да го трпам. Ме растревожи неговата изјава – додаде Нинџа пред судот.
Случајот го води судијката Наташа Тодорова, а тужениот го застапуваше адвокатката Ружица Николовска.