„Ако сакаме сето тоа да го постигнеме, треба да се реорганизираме внатре во рамките на Универзитетот. Ако сакаме да постигнеме успех, мора да потпишеме стратешки договор и партнерство со Европскиот истражувачки центар. Па, како Универзитет да бидеме имплементатор на процесот на имплементација на стратегијата за паметна специјализација и да овозможиме пристап до структурните фондови. Сегашната ситуација е понижувачка, декани и директори на единиците на УКИМ потребно е да бараат одобрувања и прераспределба на финансиски средства од буџетски ставки кај службеници во Министерството, за да можат факултетите или универзитетите да ги користат за потребите на наставниот процес и решавање на инфраструктурни проблеми. Уште полошо, ако не побарате, тие пари нема ни да ги добиете“, посочува Кочов.Тврди, нема препрека која вработените, предводени од ректорот, не можат да ја совладаат, без оглед на големината и тежината на проблемите.
„Затоа, сите ние – 1.500 вработени и 25-26 илјади студенти, мора да го дигнеме својот глас, да побараме УКИМ да биде решен со Законот за високото образование. Еднаш засекогш! Погледнете ги Музичката академија, Ликовната академија, Факултетот за драмски уметности! Видете во какви услови творат, а тие се сржта на нашата култура. Тие се културната ризница на Македонија. Нешто што е бесценето. Исто така и природните науки. Биологија, молекуларна биологија, физика, немаат лаборатории, немаат доволно материјали за истражување, немаат доволно материјали за реализирање на наставниот процес. На техничките факултети можеби е подобра состојбата, затоа што има соработка со стопанството и имаат одредени приходи на сопствените сметки, па и нешто може да се работи. Исто така, УКИМ не смее да дозволи ФИНКИ да нема свои простории, да нема сопствена зграда, а има четири илјади студенти. Од друга страна, Катедрата на македонски јазик нема студенти, не можеме мајчиниот јазик да го негуваме низ формата на високото образование. Згора, не можеме да обезбедиме средства за лекторатите за македонски јазик. Тоа не смееме да си го дозволиме“, вели Кочов.
„Ова не може да го направи само еден човек. Мора да има тимови составени од луѓе со чиста совест. И, ќе повторам уште еднаш, не се кандидирам за да бидам менаџер, туку за да бидам лидер. Се откажувам од сите оние приходи кои му следуваат на ректорот. Останувам на мојата плата од Машинскиот факултет. На УКИМ му се потребни драстични промени сега и веднаш, од аспект на внатрешното работење и од аспект на инфраструктурата“, дециден е Кочов.