Мора да свртиме нов лист за заедничко добро, без оглед кои сме, што сме и какви сме, порача од Струга кандидатката за претседател на Левица, Билјана Ванковска.
По средбата со граѓаните таа побара од граѓаните да не го заборават 24 април, денот на првиот круг од претседателските избори.
– Во жарот на битката околу парламентарните избори можное да се случи овој ден да им избегне. Сметаме на активизам и мобилизација од граѓаните која нема да почне и да заврши на 8 мај. Да почне на 24 април, да заврши на 8 мај и потоа на 9 мај да славиме Ден на победа над фашизмот, рече Ванковска.
На новото шеталиште во близина на Градскиот пазар, Ванковска се сретна со граѓани од сите националности, кои според неа, се пожалиле дека сега нема ред, разбирање и поредок.
– Ние мора да свртиме нов лист за заедничко добро, без оглед кои сме, што сме, какви сме. Денес овде во Струга ми приоѓаа од оџи до граѓани од различни етнички групи. Навистина преубав дочек. Ми приоѓаат луѓе со кои споделуваме минимални барања за ред, поредок. Значи мојата порака е да се знае дека државата постои за граѓаните, а не граѓаните за државата – кажа професорката Ванковска.
Таа се наврати 20-тина години наназад, во времето, како што подвлече, отпорот на стружани кон територијалната организација.
– Можам да кажам дека мојот прв говор, обраќање од улица, пред граѓани беше овде. Градот е секако изменет но, луѓето ја споделуваат истата мака, а тоа е корумпирана локална власт, корумпирана центрaлна власт и секако младите кои заминуваат. Практично се брише и дел од минатото – заклучи Ванковска.
Извор и Фото: МИА