„Национализмот е доживуван како проблем во Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Трите земји од Западен Балкан кои се мултиетнички, каде се користи национализмот како средство за конфронтација меѓу политичките елити кога немаат испорака на резултати“ рече Илина Мангова, Регионалната советничка за Европа од Меѓународниот републикански институт (ИРИ) во утринската програма на „Слободен печат“, коментирајќи ја нивната последна анкета. Таа додаде дека како најодговорни за предизвикување национализам во анкетата се идентификувани политичките партии и лидери, а потоа странските сили и медиумите.
„Тука се покажува одговорноста на овие политички актери кои си играат со национализмот кога се слаби сами по себе да донесат резултати и силни институции кои ќе ги сервисираат граѓаните. Граѓаните очекуваат институциите да функционираат, да не бидат политички злоупотребувани, туку да функционираат со давање услуги“ рече Мангова. Таа додаде дека клучната одговорност на политичките лидери треба да биде, паралелно на работењето на евроинтегравниот процес, да ги менаџираат позитивно и конструктивно меѓуетничките односи, за национализмот да не прерасне во проблем.