Портретна фотографија и опис на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје денеска се објавени на веб-страницата на Министерството за внатрешни работи (МВР) во регистарот за исчезнати лица.
Фото: Министерство за внатрешни работи (МВР)
„Ѓорчевска Вања, татко Александар, мајка Зорица, родена 27.2.2009 година во Скопје. Исчезната на 27.11.2023 година во утринските часови на пат кон ООУ ‘Песталоци’ во општина Центар Скопје“, пишува во објавата на МВР.
Во описот се наведува дека девојчето има темнокафеава коса и кафеави очи, носи протези на горните и долните заби и има бенка на десна страна од лицето. Висока е 175 сантиметри, а тешка 58 килограми.На денот на исчезнувањето (27 ноември) на себе носи син блузон, црна јакна, црни фармерки со странични џебови и бели патики со кафеави линии. Со себе носи школски ранец и мобилен телефон „ајфон“.
Исчезнувањето на девојчето беше пријавено во полиција вчера во 8:35 часот изутрина. Оттогаш, како што информираат од МВР, вклучени се целосните капацитети на СВР Скопје на највисоко ниво, извршени се низа разговори со лица блиски на малолетничката, прегледани се камери.Случајот го обелодени мајката на тинејџерката во објава на социјалните мрежи. Според објавата на мајката на девојчето, 14-годишничката тргнала од дома накај училиште во 7:20 часот по што ѝ се губи секаква трага. Последен пат била видена во Дебар Маало на пат кон училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци“.