На 1 октомври годинава премиерот Христијан Мицкоски даде отчет за работата на првите 100 дена од Владата на РСМ, меѓу другото, како едно од достигнувањата на Владата, го посочи и издавањето лични документи на граѓаните „кое сега е регулирано и е во рамките на законски утврдениот рок“.
Оваа изјава на премиерот Мицкоски може да се оцени како полувистината, со оглед на тоа што бројките на примени барања за издавање лични карти и пасоши е видно опадната во првите 100 дена по формирањето на оваа влада, со оглед на тоа што голем дел од граѓаните веќе имаат извадено лични документи со новото име на државата. Не може да се каже дека тоа е заслуга на оваа влада, и покрај тоа што голем број од реформите во однос на издавањето лични документи беа направени за време на техничката влада, додека Панче Тошковски од ВМРО-ДПМНЕ беше технички министер за внатрешни работи.
„Издавањето на пасоши и лични карти, нешто што претставуваше понижување и беше надвор од човечкото достоинство, денеска е регулирано и е во рамките на законски утврдениот рок. Можам да кажам дека тоа што некогаш претставуваше предизвик, денеска претставува рутинска работа, што и треба да претставува, не треба тоа да претставува предизвик, но за жал во минатото тоа беше огромен предизвик“, изјави Мицкоски на 1 октомври годинава, давајќи отчет за сработеното во првите 100 дена.
Мета.мк ги побара од МВР бројките на барања за издавање лични карти и пасоши од јануари до септември годинава. Од нив, може да се заклучи дека најголем број барања имало во февруари годинава, додека во последните три месеци бројките се видно намалени.
Одлуката беше дека до февруари 2024 година сите граѓани треба да ги сменат личните документи со новото име на државата, што доведе до целосен колапс на системот. Граѓаните не можеа електронски да закажат за да извадат лични документи, а на телефонските броеви беше речиси невозможно да се добие врска. Дури и по стотици обиди, граѓаните можеа да добијат слободен термин за фотографирање, но терминот беше дури после неколку месеци. Сето ова ги принуди граѓаните да закажуваат термини по итна постапка и да плаќаат неколкукратно повисоки цени.
Со формирањето на техничката влада во јануари годинава и доаѓањето на Панче Тошковски како технички министер за внатрешни работи, проблемот постепено почна да се решава, но сепак, стануваше збор за техничка влада, а не за влада составена по одржани парламентарни избори. Оттаму, делумна вистина е дека токму Владата за овие 100 дена успеала да го реши проблемот со личните документи, кој датираше уште од минатата година. Во последните 3 месеци има намален број поднесени барања за лични документи, бидејќи најголем дел од граѓаните веќе ги имаат сменето документите.
Според податоците на МВР, од 01.01.2024 до 30.09.2024 година, фотографирани се 599.632 лица за патни исправи и 463.997 лица за лични карти.
ИЗВОРИ:
Влада на РСМ, 1 октомври 2024 година – Мицкоски: За 100 дена повеќе од 100 проекти – продолжуваме 100% посветено за заедничка иднина (проверено на 10.10.2024)
Либертас.мк, 31.03.2024 година – Тошковски: Викендов ќе бидат одобрени 20.000 лични документи (проверено на 10.10.2024)
Мета.мк, 19.07.2023 година – Може електронски да се аплицира за лични документи, ама за термини подгответе се да кликате стотици пати (проверено на 10.10.2024)
Скопјеинфо, 26.03.2024 – Тошковски: Со новиот модел на достава на личните карти доставени се четири и пол пати повеќе лични карти (проверено на 10.10.2024)