Комуникацискиот експерт од Република Србија Милош Џајиќ беше еден од
главните предавачи на последниот модул од Академијата за јавни
политики „Од идеја до реализација“ којшто ги обучуваше учесниците за
значењето на односите со јавноста, кои се инструментите на ПР-от, кои
настани стануваат вест, но и зошто новинарството е значајно за
демократијата.
Џајиќ истакна дека младите кои имаат лидерски амбиции во ова современо
општество треба секогаш да бидат спремни за одговор во кризна
ситуација и се заблагодари за можноста да биде дел од оваа Академија.
„Ми беше задоволство да сум еден од тренерите на првата Академија за
јавни политики на ФЕС и СИГА. Младите учесници и учеснички се
навистина квалитетни и работевме на различни проблеми со кои се
среќаваме во комуникацијата. Се надевам дека по завршување на оваа
програма својата идеја ќе ја преточат во креирање на јавни политики и
подобрување на заедницата во која живеат“, рече Џајиќ.
Новинарот Назим Рашиди низ теоретски, а потоа и практичен дел ги
едуцираше учесниците за важноста од интервјуто како ПР алатка. Тој
потенцираше дека новинарството и новинарите се основата на
демократското општество и секогаш треба да бидат на страната на
јавниот интерес и граѓаните.
ПР експертот и основач на Пи Ворлд Коста Петров изјави дека за
креирање на успешни јавни политики комуникацијата и комуникациската
стратегија се клучни. Петров информираше дека овие два дена со младите
учесници ентузијасти учеле кои се можностите и предизвиците што се
нудат денеска на полето на комуникации и изрази верување дека токму
младите ќе ја донесат позитивната промена во општеството.Академијата за јавни политики е во организација на Фондацијата Фридрих
Еберт и Асоцијацијата за инклузивен и одржлив развој СИГА.