Вчера, (02.11.2022), министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, веднаш по пристигнувањето во Тирана по повод учество на Министерскиот Форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи, се сретна со заменик извршниот директор на Агенцијата за Европската гранична и крајбрежна стража (ФРОНТЕКС), Ларс Гердес.
На средбата стана збор за повеќе теми, особено за заедничкиот успех со потпишувањето на Договорот помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за Европската гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија.
И двете страни заеднички се согласија дека со Договорот се отвора вратата за поинтензивна соработка заснована на доверба и меѓусебно почитување, во борбата против илегалната миграција поврзана со криумчарењето на мигранти и трговија со луѓе како врвен приоритет, и за РСМ и за ЕУ.
Притоа, министерот Спасовски информираше за следните активности во однос на Договорот со Фронтекс:
„Можам со задоволство да информирам дека, по ратификацијата на Договорот во нашиот и во европскиот парламент, засилено течат активностите за негова брза и квалитетна имплементација, преку изготвување на Oперативен план и ставање во функција на сите потребни капацитети”, истакна министерот Спасовски средбата.
Според заменик директорот Гердес, искуствата покажуваат дека заедничка карактеристика за спроведување на овој договор и во земји членки и во оние кои сѐ уште не се членки на ЕУ, е меѓусебно споделување на знаењата и искуствата, со цел обединување на силите.
Исто така, во текот на ноември годинава беше најавен тим експерти од ЕУ да пристигне во Република Северна Македонија со цел да се разгледаат можностите за идните заеднички активности, за што Република Северна Македонија веќе собра искуства со заедничката седумгодишна меѓународна операција на нашата јужната граница.
Министерот Спасовски на средбата со заменик извршниот директор на Агенцијата за Европската гранична и крајбрежна стража (ФРОНТЕКС), Ларс Гердес додаде дека фактот што Европската унија, ја препозна Република Северна Македонија како посветен и стабилен партнер, со кој склучи договор за да обезбеди уште посигурни граници и поголема безбедност на граѓаните и на Република Северна Македонија и на Европската Унија, е уште една потврда дека државата чекори по патот на напредокот.