Жените во голема мера се ангажирани во сектори кои имаат пониски плати и помали можности за професионален развој. Постојат големи разлики во платите меѓу мажите и жените, дури и кога се работи за исти позиции и исти квалификации, покажала анализата на „Мрежа Стела“
Недостатокот на пристап до менторство и професионални мрежи, ограничени можности за обука и усовршување, недоволна информираност за постоечките мерки и бирократски пречки во процесот на аплицирање, недостаток на приспособена поддршка за специфичните потреби на жените.
Ова се само некои од проблемите со кои се соочуваат жените во Македонија, при вработување и при искористување на активните мерки за вработување и/или отпочнување сопствен бизнис, покажала анализата на Здружението за еднакви можности „Мрежа Стела“, во рамки на проектот „Застапување за економско омоќување на жените: Еднаков пристап до можностите за финансиско осамостојување“.
Во документот за политики „Премостување на јазот во економското зајакнување на жените и девојките во Северна Македонија: Достапни можности, мерки, предизвици и препораки“, е наведено дека жените во Северна Македонија имаат повисоки стапки на невработеност, посебно оние од руралните средини, а 18.634 жени од руралните средини во нашата земја се најголемиот број на неплатени семејни работници во 2021 година.
„Жените во голема мера се ангажирани во сектори кои имаат пониски плати и помали можности за професионален развој. Постојат големи разлики во платите меѓу мажите и жените, дури и кога се работи за исти позиции и исти квалификации.
Потребно е да се стави приоритет на индивидуалните потреби и спецификите на жените и девојките, потребни се едноставни и лесно разбирливи мерки, пропратени со едноставен процес на аплицирање и соодветна менторска помош, потоа, промоција на флексибилни работни услови, засилени инспекциски надзори и имплементација на законски регулативи, финансиски стимулации за отварање компании и компании што вработуваат жени“, вели Наташа Димова, претседателка на „Мрежа Стела“ и ко-авторка на документот.
Освен тоа, покрај јавни кампањи, неопходен е и системски пристап за надминување на родовите стереотипи, предрасуди и патријархални сфаќања, а потребна е и реформа на образовниот систем во насока на прмовирање програми за развој на претприемачки вештини и охрабрување на девојките да се вклучат и во STEM.„Треба да се воспостави и постоење на подолгорочни менторски програми, да се инвестира во инфраструктура за грижа на деца и постари лица“, додаде таа.
Целта на овој проект е да се направат долгорочни стратегии за подобрување на состојбата на жените и девојките при вработување и олеснување на предизвиците со кои се соочуваат на работните места, како и претставување на еднакви можности и насоки за искористување на постоечките политики и подобрување на сегашните. Проектот е поддржан од шведската Фондација Kvinna till Kvinna, имплементиран од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Пишува: Антонија Поповска, МЕТА.МК