Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија велат дека пропуст и непочитување на договореното од страна на бугарскиот протокол e фотографирањето на македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова со бугарскиот претседател Румен Радев, без македонското знаме. Иако биле делегација од повеќемина, во работните простории на претседателот Радев, каде што била средбата, ѝ било дозволено да присуствува само на претседателката Сиљановска-Давкова.
„Фотографирањето беше на пат кон средбата меѓу претседателите. Македонскиот и бугарскиот протокол имаа координација пред средбата и јасно беше определено дека нема фотографирање. Ние сега бараме одговор на прашањето зошто бугарската страна отстапила од јасно договорениот протокол“, велат од МНР. По средбата, како што се додава, целата делегација заминала на заеднички ручек, каде имало и македонско знаме. Од Министерството објаснуваат дека министерот не реагирал од почит кон Бугарија поради авионската несреќа, во која загинаа двајца пилоти.
„Имаше консултации, но министерот не реагира јавно за време на посетата од почит оти фотографирањето беше само неколку часа по авионската несреќа во Бугарија, во која загинаа двајца пилоти. Беше оценето дека е несоодветно јавно да се реагира поради трагедијата“, уверуваат од министерството. Од таму не објаснија зошто веднаш не реагирал македонскиот протокол, туку го дозволиле фотографирањето.
Денес, на состанок во Министерството е повикан бугарскиот амбасадор во Македонија, Желјазко Радуков, кому ќе му биде врачена протестна нота. Тоа нема да го направи министерот Муцунски, туку директорот на Инспекторатот за регионални инцијативи оти така било соодветно, објаснија од Министерството за надворешни работи.