Денеска имав чест да се обратам на есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур, на покана на претседателот на Собранието, Теодорос Русопулос. Оваа сесија е значајна бидејќи Советот одбележува 75 години од своето основање, и е одлична прилика да се разменат идеи и предлози за идните предизвици.
Во своето обраќање, се осврнав на актуелните проблеми со кои се соочува Европа, како што се руската агресија врз Украина, економската и демократската криза, климатските промени и новите технологии. Ги истакнав важноста на Советот на Европа и улогата на Европскиот суд за човекови права во заштита на основните права, како и потребата за имплементација на пресудите од страна на земјите членки.
Говорејќи за евроинтеграцијата на нашата држава, нагласив дека нема да дозволиме неправдите да создадат евроскептицизам. Наместо тоа, ќе продолжиме да се бориме за нашето заслужено место во Европа, уверени дека правдата на крајот ќе победи. Патот е долг, но остануваме посветени на вредностите на Европа и ќе се залагаме за процес што е праведен, транспарентен и базиран на меѓусебна подршка. – Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија.