Од новинарски кругови блиски до европските дипломатски во Скопје и Брисел, дознаваме дека директорот на Националната агенција, Петар Богојески, лично иницирал итна постапка за суспензија на Универзитетот поврзан со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко од сите тековни и идни програми финансирани од Европската Унија.
Според истите извори, причината за ваквата драстична мерка е сериозното нарушување на кредибилитетот на образовните ЕУ програми кои би ги користел Универзитет, за кој се сè погласни обвинувањата за системска продажба на дипломи, нелегитимни студенти од странство и сомнителни трансакции поврзани со европски средства. Универзитетот е веќе предмет на повеќе новинарски истражувања и се поврзува со структури за кои постојат индиции за организиран криминал.
Богојески во известување до ЕК образложил дека донел таква одлука поради заштита на угледот и буџетот на ЕУ и враќање на достоинството во очите на македонските граѓани. Сопственикот е обвинет за повеќе видови криминал и се наоѓа на црната листа на САД. Интересен момент е што, според сознанија до кои дојде нашата редакција, Богојески побарал и поништување на акредитацијата што ЕУ претходно ја доделила на оваа институција. Според дипломатски извори, оваа постапка е веќе евидентирана кај службите во Европската комисија и предизвикала бурна реакција, особено затоа што институцијата на Мерко била политички туркана преку одредени канали во ЕУ структурата.
Останува да се види дали и кога Европската комисија јавно ќе се произнесе за овој случај, кој зад кулисите веќе се нарекува „преседан на Балканот“ – национална институција во земја кандидат го запира финансирањето на контроверзна структура, со поддршка од јавноста, но спротивно на одредени интереси на бирократи во самата ЕУ.Побаравме официјална реакција од директорот Богојески и од Националната агенција, на што тој кратко одговори – “постапката е во тек. Угледот и буџетот на ЕУ мора да бидат заштитени.”