ДАУТ ПАШИН АМАМ „120 години од раѓањето на Томо Владимирски“ На задоволство на љубителите на уметноста и широката публика Ве информираме дека изложбата ќе може да се посети и во текот на месец октомври 2024. Томо Владимирски е еден од основоположниците на македонскиот модернизам во ликовната уметност.
Македонскиот модернизам, чија основа ја поставија неколкумина претставници на првата, основоположничка генерација образовани македонски ликовни уметници, започнува да се следи од крајот на втората и третата деценија на минатиот век, преку активности и изложби кои почнуваат да го носат „новиот“ модерен дух на развиените европски општества, имплементиран генерално низ активната соработка со северниот сосед .
На таа генерација, која ја предводат Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димитар Пандилов-Аврамовски, Димо Тодоровски, Вангел Коџоман и други, им се приклучува со мало задоцнување и Томо Владимирски. Неговиот мирен и ненаметлив карактер, умерен и посветен уметнички нерв, дисциплинираност и скромност, придонесуваат Владимирски да остави своја автентична трага во историјата на македонскиот модернизам. Неговиот квалитетен уметнички сензибилитет е забележан и високо оценет од локалната, но и од меѓународната критичка фела.
ЧИФТЕ АМАМ „Сенки во облаците “, Емил Шулајковски – самостојна изложба
Впечатокот кој на прв поглед освојува во три децениското творештво на Емил Шулајковски е константата дека тоа се базира на основниот сликарски постулат – бојата, каковизуелна перцепција преку која се осознава суштината на сликањето. Бојата е рефлексија на трансформираната енергија на внатрешните интимни превирања го дефинира процесот на создавање на сликата, интерпретиран како израз на внатрешните душевни и психолошки состојби, како трага на уметничкото духовно и психичко доживување.
Апстрактните предели кои ни се нудат се создадени со асоцијативни, гестуални и слободни форми кои визуелно потсетуваат на, или наговестуваат пејзажна атмосфера, или се изведени со редукција на пејзажни примери со слободни. Имагинарните светови на Емил Шулајковски го одразуваат поетското чувствување на атмосферата, се движат се од етерични аркадиски асоцијации до носталгично драматично замислени измислени сцени, рефлектирајќи своевидна теозофија, антропозофија која ја слави „радоста на живеењето“ преку пантеистичка животна и уметничка философија.