Израел ќе биде најсилниот сојузник на САД на Блискиот Исток, без разлика кој ќе биде избран за нов претседател во ноември, изјави денеска израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пред да замине во посета на Вашингтон. Зборувајќи со новинарите пред да отпатува за Вашингтон, Нетанјаху рече дека ќе му се заблагодари на претседателот Џозеф Бајден, кој вчера се откажа од трката за реизбор, за сè што направил за Израел, пренесува Ројтерс.
„Планирам да се видам со претседателот Бајден, кого го познавам повеќе од 40 години. Ова ќе биде можност да му се заблагодарам за работите што ги направи за Израел во војната и за време на неговата долга и истакната кариера во јавната служба како сенатор, потпретседател и претседател“, рече Нетанјаху, пренесе „Тајмс оф Израел“.
Тој додаде дека со Бајден ќе разговара и за тоа како двете земји можат да напредуваат во остварувањето на нивните цели, а тоа се ослободување на сите заложници кои ги држи Хамас, поразот на таа милитантна група, соочување со Иран и обезбедување и враќање на сите израелски граѓани до нивните домови.
„Во ова време на војна и неизвесност, важно е непријателите на Израел да знаат дека Америка и Израел стојат заедно денес, утре и секогаш“, рече Нетанјаху.
„Тајмс оф Израел“ наведува дека за време на неговата посета на САД, тој ќе се сретне со американскиот претседател Џозеф Бајден, со потпретседателката Камала Харис и ќе има говор во Конгресот.