Државните онлајн коцкарници оствариле минимални приходи во текот на минатата година, пред Владата да одлучи да им го забрани работењето. Сите четири прикажале загуба по една година од работењето. Новоформираните приредувачи на интернет игри на среќа, во кои 51 отстотен удел на сопственост имаше АД Државна лотарија, за кои потоа новата власт утврди дека ги нема потребните лиценци, оствариле вкупно милион евра во 2024. Според податоците кои „Фактор“ ги доби од Централен регистар, Државна лотарија – Моззарт за неколку месеци работење остварила приходи од 58 милиони денари, но и загуба со расходи од 82 милиони денари. Државна лотарија – Битс 77 забележала 5 милиони денари приходи, но и расходи од 23 милиони денари. Државна лотарија – Везув во текот на минатата година нема приходи, но има 4,5 милиони денари загуба. Паричните влогови на овие друштва биле по 770.000 евра. Новата државна видео-лотарија – Ново Влт за 2024 прикажала загуба, односно трошоци од 17,4 милиони денари. Паричниот влог бил 4,88 милиони евра.
Нова државна видео-лотарија – НОВО ВЛТ ДОО Скопје беше формирана во април 2023 година во партнерство со „ХТЛ Македонија“, која веќе е етаблирана на овдешниот пазар. Австриската компанија „Новоматик“, преку својата македонска фирма „ХТЛ Македонија“ ги поседува „МА Гаминг“ и „Мастербет“, кои имаат лиценци за автомат клубови во земјата. Едната ги поседува коцкарниците „Астра“, а другата „Адмирал“. Преку македонската фирма „Макотен“, австриски „Новоматик“ ги поседува лиценците за казината во скопскиот хотел „Мериот“ и во хотелот „Фламинго“ во Гевгелија. Лани во јануари Државната лотарија си доби три нови партнери за игри на среќа. „Државна лотарија – Моззарт“ ДОО Скопје се регистрираше на 5. јануари. Партнер е МОЗЗАРТ ДОО Белград (Палилула). На 18 јануари се основаше „Државна лотарија – Везув“ ДОО Скопје, каде што партнер е „Везув МК“ ДООЕЛ, фирма ќерка на црногорскиот „Везув“. Компанијата за онлајн обложување која го носи името „Државна лотарија – 77 Битс Битола“, е регистрирана на 9 јануари. Партнерството е со „Телематик интерактивна Бугарија“, фирма која доби тендер за добивање право на извршување онлајн обложувачка активност организирана од Државна лотарија на Република Северна Македонија.
А.К.