Вечерва од 20:00 часот на Канал 77 започнува новата музичка емисија и новото музичко патување „Feel Good Beats“ со „Indog“ (Горан Костовски – Индог). Во оваа вечерна емисија ќе се слуша само хитови и ќе се информира за актуелностите во музиката, спортот и секојдневието. Целта е опуштање по работниот ден и уживање во вечерните часови со добра музика, пренесува Канал 77.
„Јас често велам дека пуштам модерна музика за модерни уши. Како диџеј и винил селектор, секогаш презентирам различни жанрови, но овој пат предизвикот е поголем бидејќи се обраќаме на широка публика која го слуша Канал 77. Ќе уживаме во различни жанрови, со фокус на нови хитови, поп музика од минатото и денес, електронска и македонска музика, како и квалитетна балканска музика. Мислам дека ќе уживаат и оние кои сакаат музика од 70-тите, 80-тите, 90-тите, носталгичните 2000-ти и денешницата.“ вели Индог за Канал 77.
Првата електронска журка во Македонија се случила во 1992 година, што значи дека оваа култура има сериозна историја кај нас. Публиката секогаш била гладна за ваков тип на музика и тоа го тврдам како човек кој е присутен и работи на сцената од 1996 година и ја следи оваа музика. Денес можеби нема масовни големи забави како порано, но сеуште има луѓе кои сериозно веруваат во оваа култура и работат на нејзино подобрување. Сцената е искрена и тие што вистински ја сакаат сеуште ја уживаат оваа музика. Канал 77 Извор: Новинска агенција МЕТА