Во просториите на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, пред Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски, основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје Гаврил Бубевски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев и директорката на Оперативно-техничката агенција Марија Јаническа, денеска беше презентиран акредитиран комуникациско-информациски систем за безбедно ракување и размена на класифицирани информации.
За презентираниот комуникациско-информациски систем (КИС), како што истакнуваат од обвинителството, е издаден сертификат за акредитација за ракување со национални класифицирани информации во електронска форма со степен „строго доверливо“ кој обезбедува законска, заштитена, сигурна, брза и ефикасна дигитална поврзаност, комуникација и интер-операбилност меѓу овластените и надлежни органи во процесот за спроведување на мерките за следење на комуникациите.