Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Јован Митрески, присуствуваше на денешното одбележување на јубилејот 80 години од 80 години од Февруарскиот поход и 80 години од смртта на народниот херој Кузман Јосифовски – Питу. Во поздравното обраќање пред присутните на настанот во Домот на Армијата, во организација на Главниот одбор на Сојузот на борци од НОАВМ 1941-1945, претседателот Митрески истакна дека делата на борците за слобода ги поставија темелите на нашата државност.
„Февруарскиот поход е една од историските лекции за нашата земја на кои треба постојано да им се навраќаме продолжувајќи да ја трасираме иднината за новите генерации, како што борците за слобода ја трасираа сегашност што ја живееме. Наша е обврската да го продложиме делото на борците од Февруарскиот поход, да го продолжиме делото на Кузман Јосифовски – Питу и на сите негови соборци, наши херои, а тоа е да ја зачуваме нашата независна и самостојна државност, но и да обезбедиме просперитет и развој за денешните и идните генерации“, рече претседателот Митрески.
Тој се осврна на својата неодамнешна посета на Украина, посочувајќи дека нашата држава, нашите граѓани и овој пат, исто како и во минатото, во Втората светска војна, застанаа на вистинската страна, на страна на демократијата, на човечките права, на страната на мирољубивоста и соживотот.
Во продолжение интегрално ви го пренесуваме обраќањето на претседателот на Собранието:
Почитуван претседател на Главниот одбор на Сојузот на борци од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија и на граѓаните продолжувачи , г-дин Никола Стојановски
Почитувани борци во НОВ и поддржувачи на делата на борците за слобода,
Почитувана министерка за култура г-ѓа Костадиновска Стојчевска,
Почитувана дополнителна заменик министерка за труд и социјална политика г-ѓа Тренчевска,
Почитувани присутни,
Дами и господа,
Ми претставува посебна чест и задоволство, во мое име и во име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, да ви се обратам на овој значаен јубилеј – 80 години од Февруарскиот поход и 80 години од смртта на македонскиот херој Кузман Јосифовски – Питу.
Осумдесетгодишнината од Февруарскиот поход е можност да се потсетиме на херојските подвизи на македонските учесници во Народноослободителната и антифашистичка војна во Македонија од 1941 до 1945 година. На нивната непоколебливост и верба во светла иднина. Да се потсетиме дека борците за слобода, кои беа на страната на прогресивните сили во Втората светска војна, со своите дела ги поставија и темелите на нашата државност.
Како што антифашистичката борба е една од најтешките, но и најславните и најзначајните епопеи од македонската историја во првата половина на минатиот век, така и Февруарскиот поход е меѓникот меѓу фашистичката окупација на овие простори и првите зраци на победата и слободата.
Февруарскиот поход има посебно историско и воено значење за македонската антифашистичката борба во текот на Втората светска војна. Со овој поход, кој траеше еден месец во 1944 година – на територијата на источна и централна Македонија, во многу неповолни временски услови, беа извојувани значајни битки над надмоќните окупатроски сили, така што беа освоени првите поголеми слободни територии, како уште еден показател за истрајноста на борците за слобода и правда.
Февруарскиот походот е мошне значаен настан во поновата македонска историја, затоа што дополнително го засилува народноослободителното движење и на дело ги докажува масовноста и општонародниот карактер на антифашистичката борба. И што е најважно, овој настан е предвесник на свикувањето на АСНОМ и поставувањето на темелите на современата македонска држава.
Февруарскиот поход е една од историските лекции за нашата земја на кои треба постојано да им се навраќаме продолжувајќи да ја трасираме иднината за новите генерации, како што борците за слобода ја трасираа сегашност што ја живееме. Сегашност, во која Северна Македонија е независна држава, членка на Обединетите нации, сега и членка на НАТО, која со целосна посветеност оди и по патот кон Европската Унија, совладувајќи ги пречките и предизвиците што ги носи тоа патување.
Денешните генерациите повторно се исправени пред поинакви битки и пред нови предизвици, во различен геополитички контекст. Сега, кога не многу далеку од нас повторно се води војна, Северна Македонија и овој пат, заедно со своите сојузници, е на страната на прогресивните сили.
Ужасите што не можевме ниту да замислиме дека може да се случат денеска, и за кои мислевме дека се минато, особено после страдањата што ги преживеа особено Европа, после Втората светска војна, повторно се тука, повторно на европско тло. Нашата држава, нашите граѓани и овој пат, исто како и во минатото, во Втората светска војна, застанаа на вистинската страна, на страна на демократијата, на човечките права, на страната на мирољубивоста и соживотот.
Почитувани присутни,
Новите генерации во нашата земја се водени од истите идеали за слободна, демократска и просперитетна држава, како вредности што беа водилка за борците во Народноослободителната војна.
Нашиот поход за обезбезбедување континуитет во остварувањето на тие идеали, достигнувајќи ги стратешките цели за нашата држава, е повеќедецениски и исто така наидува на најширока граѓанска поддршка во земјава, како и на силно одобрување од нашите меѓународни сојузници.
Наша е обврската да го продложиме делото на борците од февруарскиот поход, да го продолжиме делото на Кузман Јосифовски – Питу и сите негови соборци, наши херои, а тоа е да ја зачуваме нашата независна и самостојна државност, но и да обезбедиме просперитет и развој за денешните и идните генерации.
Денеска имаме слободна, самостојна и независна држава, но мораме да направиме се што е во наша моќ да обезбедиме и економски стабилна и напредна држава која ќе чекори рамо до рамо со високо развиените европски демократски земји.
А тоа е можно само доколку дома ги имплементираме и ги прифатиме европските вредности, вредности кои значат владеење на правото, справување со корупцијата, гарантирање на човековите права и обезбедување на целосна еднаквост независно од различностите кои секој од нас ги има.
Тоа ќе го постигнеме само ако носиме храбри одлуки со кои ќе овозможиме целосно отпочнување на преговорите за полноправно членство во Европската унија и имплементирање на европските стандарди критериуми во сите општествени сфери.
Одговорноста е наша, одлуката е во нашите раце. Од таа одлука зависи дали младите ќе ги задржиме тука, а нашите деца ќе ги задржиме дома само доколку им овозможиме европски услови дома и доколку им обезбедиме шанса за напредок и развој. Младите се нашата иднина и токму затоа не смееме да бидеме заложници на теснопратиските интереси, туку да бидеме визионери и со храбри одлуки цвсто да грабиме напред кон посветла, побезбедна и просперитетна иднина. Во походот кон таа цел не води споменот на хероите од НОВ. Тој спомен ќе живее вечно, како што се вечни нивните дела.
Ви благодарам.
Скопје, 27.02.2024