Европската унија треба да ја разгледа својата помош за Украина по победата на републиканецот Доналд Трамп на претседателските избори во САД, изјави во петокот унгарскиот премиер Виктор Орбан, додавајќи дека Европа не може сама да го „финансира“ Киев во борбата против Русија.
Орбан, премиерот на Унгарија која претседава со ЕУ до крајот на годината, е домаќин на неформалниот самит на Унијата и другите европски челници во Будимпешта. Едно од главните прашања на самитот ќе биде иднината на помошта за Украина по победата на Трамп.
Републиканецот го критикуваше нивото на американската помош за Киев, а за време на претседателската кампања вети дека ќе стави крај на војната уште пред официјално да ја преземе функцијата на 20 јануари, но не откри како.Европските земји не успеваат да постигнат единство по прашањето за Украина, а ситуацијата дополнително се комплицира со внатрешно-политичките превирања кај двете најсилни членки – слабеењето на француската влада по предвремените избори и падот на германската владејачка коалиција.