Денес, заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски и градоначалникот на општина Аеродром Дејан Митески, како и заменик-директорот на ,,Македонија пат” Александар Шуковски, извршивме теренски увид на две поврзани интервенции на дел од улицата ,,Киро Фетак” – дел од регионалниот пат Р-1106 кој е важна сообраќајна трансверзала што ги поврзува општините Кисела Вода, Аеродром, Зелениково и Студеничани со автопатот.
Општина Кисела Вода до Владата на Република Македонија аплицираше со проект за целосна санација на постојниот мост, кој во изминатите години стана опасна точка. Тука често се случуваа сообраќајни незгоди, се уриваше оградата, а возила завршуваа во атмосферскиот канал. Со сопствени средства, изработивме проектно-техничка документација за реконструкција, проширување со тротоари и безбедносно унапредување на мостот, чија реконструкција треба да ја реализира општината со средства во висина од околу 6 милиони денари. Паралелно, Јавното претпријатие за државни патишта ќе ја реализира санацијата и проширувањето на самата улица, како дел од регионалниот пат Р-1106. Овој проект е од исклучителна важност за жителите на неколку општини, но и за безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Како локална самоуправа, остануваме посветени на унапредување на безбедноста и поврзаноста на нашата општина со регионот.