Koсовската претседателка Вјоса Османи за инцидентот на скопскиот аеродром кој се случи на почетокот на август, вели дека бил обид за понижување на Косово. Таа во интервју за медиумот „Kallxo“ изјави дека „Северна Македонија го прекршила секој принцип на меѓународното право кога побарале да ѝ бидат проверени чантата и телефонот“. Вели дека би било ризик за националната безбедност доколку го предаде телефонот.
„Го прекршија секој принцип на меѓународното право според кое на претседателот на една република не му се проверува чантата, а камоли телефонот. И покрај тоа, веднаш ја ставив на скенер затоа што видов дека сакаат да направат проблем, но инсистираа да го земат и телефонот. Тој е моја работна алатка, комуницирам со безбедносни институции, дури има и класифицирани работи и се разбира дека не можам да го предадам затоа што би било закана за националната безбедност на мојата земја“, изјавила Османи. Косовската претседателката истакнала дека „Северна Македонија одговорила со изразување жалење и велејќи дека такво нешто нема да се повтори“.
За инцидентот, полицијата поднесе кривична пријава против шефот на обезбедувањето на спикерот Африм Гаши. Тој е суспендиран од работа и ќе одговара за нарушување на безбедноста. Дисциплинска постапка е поведена и против двајца полицајци. Гаши се правдаше дека го пратил обезбедувањето на аеродромот за да спречи поголем инцидент. Ова беше една од причините поради кои Левица поднесе иницијатива за интерпелација на Гаши, но таа не помина во Собранието.