„Продолжуваме со промената“ и „Демократска Бугарија“, двете главни членки на претходната владејачка коалиција во Бугарија се подготвени да предложат малцинска влада. Веста беше соопштена на прес-конференција во Софија денеска, јави бугарскиот онлајн-медиум mediapool.bg. Овој чекор уследува после неколку седмици од последните парламентарни избори и консултации кај претседателот Румен Радев.„Продолжуваме со промената“ (ПП) и „Демократска Бугарија“ (ДБ) појаснија дека се единствени во поглед на неколку законодавни иницијативи, коишто ќе покажат колкава поддршка имаат во сегашниот парламент.Станува збор за измени или нивно отфрлање на Изборниот законик, уставни измени за одземање на неограничената власт на главниот обвинител, промени што би овозможиле истрага на главниот обвинител, потоа предлог-буџет за 2023 година со проектиран дефицит од 3 отсто, и мерки за влез на Бугарија во Шенген-зоната и во Еврозоната, како и законски измени со кои извршната власт да може да назначува и да раководи со првите луѓе на службите, без вмешување од страна на шефот на државата.

   

Ко-претседателот на ПП и поранешен премиер Кирил Петков рече дека преку процедурата за тие приоритети ќе се отфрлат сите заткулисни игри и „сѐ ќе се види во собраниската сала“.Со ваквиот настап, ПП и ДБ го претркаа ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов во визија за излез од сегашниот застој во формирањето нова политичка влада, односно што ќе прават со мандатот што би го добиле од претседателот Румен Радев. Партијата ГЕРБ прва ќе го добие тн. испитен мандат, но не кажала што би правела со него. Околу ГЕРБ нема собрано мнозинство и затоа најверојатно ќе дојде до второ доделување мандат – на ПП и ДБ, пишува mediapool.bg.