Прво, Стоилковски објави видео, на кое, според него, се гледа лицето Самед Мисини од Ласкарци, кој во јули 2022 година испукува најмалку една цела рамка од огнено оружје.
-Пукањето е кривично дело член 396 став 2. Покрај пукањето, Мисини се поврзува и со насилство против изборите за бркање на гласачи и набљудувачи во Ласкарци, како и со напад и тепање на бизнисмен во кабинетот на Шилегов веднаш по локалните избори, кога при полициска интервенција пронајдено е и оружје.
Секако, нема казна за Мисини. Мисини е бизнисмен, градежник, добитник на тендери од Скопје под Шилегов, а до сега иако има повеќе документи за дела во полицијата, никогаш ништо не е реализирано. За кривичното дело што го видовте, има оперативен извештај до Единица за недозволена трговија, но не се преземени никакви оперативни мерки. Нема претрес, нема барање на оружјето, нема казна – рече Стоилковски.
Според него, причина за неказнувањето е што главен гостин и сведок на пукањето, што се случило на свадба кај Мисини, е директорот на БЈБ Тасевски со семејството.
-Нема јасна поделба помеѓу тој што треба да го гони криминалот и да биде ортак со него! Оттука, Оливер Спасовски и Сашо Тасевски, мора да одговорат дали е нормално наместо Мисини за случајот да бидат казнети полицајци? Дали е нормално вакво пукање да се случува пред очи на директор на БЈБ? Дали е нормално директор на БЈБ да биде во блиски пријателски семејни врски со човек којшто пука, тепа, и насилно попречува изборен процес? Колку пати Мисини бил гостин во полицијата во кабинетот на Тасевски? Но, и кога Тасевски ќе го пријави до ДКСК станот во којшто живее од пред нова година, стан во една од зградите изградени од Мисини? – праша Стоилковски.