Во Северна Македонија, поради недостигот на податоци и недостигот на важни истражувања на темата родова еднаквост во спортот, тешко е да се креираат политики засновани на докази. Постојните истражувања и податоци укажуваат дека жените и девојчињата помалку се занимаваат со физичка активност од мажите и момчињата. Нема податоци што покажуваат колку жените од маргинализираните заедници се занимаваат со спорт, a има малку или воопшто нема податоци за можните причини поради кои девојчињата на тинејџерска возраст се откажуваат од спорт и физичка активност. Ова се само дел од заклучните согледувања од анализата „Родова еднаквост во спортот во Северна Македонија“ изработена од UN Women која што беше презентирана денеска.Според анализата, како една од клучните области во која се потребни подобрувања е зголемување на признанијата за женските спортови и за успесите на жените во спортот, како и потребата од промовирање на успешните спортистки што постигнале одлични спортски резултати.

   

Изедначувањето на финансиските приходи на мажите и на жените во спортот, е, исто така, посочено како клучно, а особено одредбите за породилно отсуство. Анализата ги посочува и медиумите како алатка за креирање мислење во општеството и алудира на потребата од поголема медиумска писменост и подобрување на новинарските стандарди, како и потребата од обука и активности за подигање на свеста за спортските новинари, со особено нагласување на користењето на родово сензитивен јазик.Во анализата, исто така, е содржан и процентот на медиумско покривање на спортски настани и натпревари во машка категорија, кое изнесува 80 отсто, наспроти 20 проценти за оние во женска категорија.Според согледувањата од анализата потребно е и секој клуб да има одреден процент жени во својот извршен одбор или менаџерски тим, а политиките, стратегиите, законите и другите прописи за родова еднаквост соодветно да се спроведуваат. Да има повисоки професионални стандарди и родова сензитивност за вработените во јавните институции и во спортските федерации и да се работи на превенцијата и заштитата од родово базирана дискриминација и родово и сексуално вознемирување.

 

Славица Грковска, заменичка на Претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење истакна дека анализата е од голема важност за креирање на политиките.„Оваа анализа е важна затоа што прв пат имаме ваков документ, кој што понатака ќе можеме да го употребуваме и ќе ни користи како основа за креирање на нашите политики како Влада и креирање на активностите на нашето работење“, рече таа.Според вицепремиерката, овој документ ќе придонесе кон поквалитетни предлози во новиот Закон за спорт, а пристапот, како што рече, е многу важен, имајќи предвид дека Северна Македонија почна со скрининг процесот и родовото прашање е прашање кое е сериозно третирано од Европската Унија. Грковска истакна дека ваквата трансформација е сериозна и може да се реализира побрзо само со заеднички пристап на сите.Според Даниел Димевски, претседател на Македонски олимписки комитет, најважно е да ја промениме свеста.„Она што е многу важно за секоја една работа е дека мора да имаме визија. Ние таа визија ја имаме, и што е многу добро, таа визија веќе стана општо прифатена. Во нашата држава не можете да најдете човек кој што веќе не е свесен дека на нас ни е важна оваа тема. Доколку пред некоја година беше не толку позната, сега веќе сите сме свесни за таа промена во нашето поимање“, рече Димевски. Според него, многу е важно да почнеме, не само да зборуваме, туку, како што рече, „да зборуваме со дела“.

   

     

Микаел Атерхог, раководител во Амбасада на Шведска, истакна дека родовата еднаквост не се случува сама по себе, туку, таа бара многу работа, политичка поддршка и одлуки.„Жените и мажите сѐ уште немаат еднаков пристап до услови за да се постигне ова. Важно е родовата еднаквост да е во центарот на сите носители на одлуки“, рече тој.Весна Ивановиќ-Кастаред, Раководителка на канцеларијата на UN Women во Северна Македонија, истакна дека традиционално, спортот бил и е доминиран од мажи, како во учество така и во менаџирање, меѓутоа, посочи дека во последниве 20 години се случуваат промени, како што рече, „мали, но сепак позитивни“.Анализата е подготвена во рамките на Проектот за воведување на родовата перспектива во администрацијата на централно ниво (Gender Equality Facility – GEF) во Северна Македонија, што го спроведува канцеларијата на UN Women во Северна Македонија во партнерство со Секретаријатот за европски прашања и Министерството за труд и социјална политика, со финансиска поддршка од Шведска.