Човек учи додека е жив. Економија сум учел и сеуште учам од најдобрите професори по економија, дома и надвор. Академскиот пат ме одвел на универзитети во САД (Харвард, Калифорниски државен универзитет, Државниот универзитет во Аризона, пократок престој на Беркли), како и во Европа (Лунд, Кембриџ, Централно-европскиот универзитет и др.), каде сум учел од нобеловци и титани во економската наука, вклучително и носители на високи функции во влади и меѓународни институции. За стекнатото знаење сум плаќал лично, или сум користел престижни стипендии (Фулбрајтова за докторските студии на Харвард, 1989-90 година).
Нема квалитетно образование кое е бесплатно. И сега, после 44 (четириесет и четири) години интензивно изучување и предавање економија, еден дипломец на универзитетот во Тирана, кој завршил Бизнис администрација (водење бизнис) се нуди бесплатно да ме подучува. Водењето бизнис иако има допирни точки, е сосема различно од економската наука. Овие дисциплини се изучуваат на различни факултети, односно департмани на универзитетите ширум светот. Господинот @Fatmir_Bytyqi, според неговиот профил на LinkedIn, студирал во Тирана во периодот 1994-1999 година. Никако не го потценувам овој универзитет на кој имам колеги со кои имам соработувано во минатото, но интересен е периодот кој кандидатот за мој подучувач студирал.
Тоа е период на скандалот со пропаста на пирамидалните штедилници во Албанија и целосен распад на институциите на државата, што не можело а да не се одрази на квалитетот на високото образование во земјата. На крај, едукатирот кој лажно се претставува како економист, и можеби ќе се повика на своето работно искуство не само во Владата, туку и во бизнисот и меѓународни организации, ќе го потсетам на познатата аксиома – “Една земја не е компанија” (Country is not a Company). Меѓу економистите постои консензус дека една национална економија не може да се раководи слично како и претпријатие. Ние барем сме се увериле во тоа на примерите со господата Јован Андонов-Реган, Минчо Јорданов, Кочо Анѓушев, а во поново време Фатмир Битиќи.
проф. д-р Трајко Славески, твитер пост