Финансиска поддршка од државата ќе добиваат само млади талентирани спортисти кои ќе ја исполнат програмата зададена од Министерството за спорт, програма која предвидува развој и напредок на резултатите, со што ќе се квалификуваат за Олимпијада, изјави министерот за спорт Борко Ристовски за време на неговото гостување во Дневникот на ТВ Сител.
„Прашањето зошто на Олимписките игри во Париз немаме ниеден спортист со олимписка норма е на место, но на погрешна адреса барем во овој момент затоа што овие прашања требаше да се поставуваат многу порано, барем пред 3-4 години на минатата власт која беше задолжена да се грижи за спортот и на претседателот на Олимпискиот комитет кои се најодговорни и за функционирањето на Олимпискиот комитет и за резултатите во олимпизмот и во олимписките спортови. Она што јас можам да го кажам од страна на новоформираното министерство за спорт е дека работите отсега ќе почнат да функционираат многу поинаку, многу поразлично и многу поспортски“, истакна Ристовски.
Министерот за спорт ја најави новата национална стратегија за спорт во која спортистите ќе се вреднуваат единствено според успехот и според резултатите и по таа основа ќе се доделуваат и финансиските средства од државата.
„Во нашата стратегија за спорт ние нема да ги вреднуваме спортистите по тоа дали се деца на функционери, туку финансика поддршка од државата ќе добиваат единствено млади талентирани спортисти кои што ќе ја исполнат програмата зацртана од Министерството за спорт и програма којашто ќе значи развој и напредок на резултатите и на Олимшиските игри, но и на светските и европските првенства кои доаѓаат пред Олимпијадата. Најнапред ќе бараме резултати на европските и на светските првенства, а потоа ќе финансираме програми и за олимписки години и навистина ќе се потрудиме на ОИ да остат спортисти со А норми “, истакна Ристовски.
Тој додаде дека тие ќе се потрудат да се обезбедат сите идеални услови за развој на младите спортисти но дека на крајот матичните федерации треба да ја спроведат таа стратегија, додека министерството ќе ги контролира средствата кои ќе бидат вложувани во спортистите.