Руската обединета корпорација за авиони (UAC) испорача нова серија борбени авиони Су-57 и Су-35С на руските воздухопловни сили, се вели во соопштението на официјалните претставници на корпорацијата. Според соопштението за печатот, ловците Су-57 од петтата генерација успешно ги поминале сите фабрички тестови и биле одобрени од техничкиот персонал на Министерството за одбрана по серијата проби на летови во различни оперативни режими. Авионите се преместени во нивната база, а руските воени пилоти изразија задоволство од нивните перформанси.
„Авионот покажува високи летачки и технички карактеристики, кои беа многу ценети од нашите пилоти“, рече Владимир Артјаков, прв заменик генерален директор на Ростек. Тој, исто така, потврди дека дополнителните авиони Су-57 се во различни фази на производство, а авионите Су-35С исто така се при крај. Производствениот капацитет на „UAC“ моментално се подложува на модернизација за да се приспособи на зголемената побарувачка за Су-57. Неодамнешните надградби вклучуваат комплетирање на новите постројки за тестирање на летови, а започна изградбата на дополнителни згради за поддршка на сериското производство на авионите од петтата генерација.
„Бројот на ловци од петта генерација доставени до руските воздушни сили се зголемува секоја година. Су-57 останува најнапредниот авион на првата линија во Русија денес“, изјави извршниот директор на UAC, Јуриј Сљусар. Сепак, некои истакнати воени личности, вклучително и Илја Туманов, кој го води влијателниот руски одбранбен канал „Fighterbomber“, изразија загриженост за испорачаниот авион.
„Се надевам дека ова се нови авиони, а не оние што се поправени, модернизирани или обновени“, забележа Туманов, алудирајќи на неодамнешното оштетување на неколку Су-57 во нивната база во Ахтубинск. Во напад на украинско беспилотно летало претходно оваа година, еден Су-57 беше уништен, а други четири беа сериозно оштетени.