Северна Македонија стана 103-та членка на Глобалниот форум за сајбер-експертиза (Global Forum on Cyber Expertise), една од најголемите светски мрежи за интернационална соработка и градење на капацитети за сајбер-безбедност. Ова се случи на иницијатива на вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска. Во овој форум членуваат и соработуваат владите на најразвиените земји во светот на темата сајбер-безбедност, организации како ОБСЕ, Светска банка, Обединети нации, Европската Унија, Совет на Европа, Интерпол и многу други, како и стопански комори и приватни компании кои работат на оваа тема.

   

„Владата со сите министерства и институции кои се посветени на оваа област, во рамките на GFCE ќе работат на четири теми: Политики и стратегии, менаџмент на инциденти и заштита на инфраструктурата од сајбер-напади, сајбер-криминал, сајбер-култура и градење на капацитети“, информираат од Владата на РСМ.Преку GFCE ќе се работи на зголемување на меѓународната соработка и координација на Владата и организациите кои даваат поддршка и работат на сајбер-темата во Северна Македонија, за што GFCE има изработено платформа за мониторинг и координација на проектите и активностите.Во Владата велат дека ќе продолжат силно да работат и да се развиваат на оваа тема, за да ги достигнат ЕУ стандардите на сајбер-безбедно општество, штитејќи ги граѓаните и државните системи од кибер напади.