Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Унгарија, Андраш Клајн. На средбата беше поздравен интензивниот политички дијалог и изразена подготвеност за натамошна успешна соработка меѓу двете земји на билатерален и мултилатерален план.
Претседателката се заблагодари за принципиелната и континуирана поддршка од Унгарија како гласен поддржувач на македонската европската интеграција, што претставува наш стратешки и национален интерес и ги поздрави приоритетите на унгарското претседавање со Европската Унија и најавите во однос на политиката на проширувањето. Во таа насока, беа разменети информации околу текот на македонските евроинтеграции, при што претседателката го истакна очекувањето дека процесот на пристапување во Европската Унија ќе биде евалуиран праведно, врз основа на Копенхагенските критериуми.
Соговорниците разговараа и за соработката во сферата на образованието, науката, одбраната и транспортот, при што претседателката изрази надеж дека во наредниот период дополнително ќе се продлабочи започната соработка помеѓу државните и високообразовните институции на двете земји.На средбата беа посочени можностите и за продлабочување на економската соработка меѓу двете земји и зголемување на трговската размена.