Ланските застрашувачки пожари кои едвај со меѓународна помош беа гасени и ја зафатија целата територија на државата, направиле проценета штета од 83,8 милиони евра. Ова е процената што „Национални шуми“ во објавениот годишен извештај на јавното претпријатие за 2024 ја проектира како загубен национален ресурс.
Ова е убедливо најголемата регистрирана штета на годишно ниво во земјата предизвикана од претежно летни пожари. Претходно најголемата загубена сума од 38,77 милиони евра беше утврдена во 2021 година. Во меѓувреме имаше години кога штетите беа само по неколку милиони евра годишно и помалку..
– Во периодот од 1 јануари до 31 декември 2024 од настанатите пожари има причинета штета во износ од 5.111.962.381 денари, додека во истиот период 2023 причинетата штета е во износ од 164.012.133 денари, констатираат од „Национални шуми“ во извештајот.
И други параметри покажуваат дека справувањето со ланските пожари не може ни од далеку да се спореди со претходната година. Вкупно опожарената површина во 2024 била 61.061 хектари, додека една година пред тоа зафатеноста била само 5.772 хектари. Ако во 2024 изгорената дрвна маса била 635.005 метри кубни, во 2023 таа била само 18.940 метри кубни. Проценките се дека со изгореното дрво би можело цела сезона да се греат повеќе од 100.000 четиричлени домаќинства.
Во гаснењето на пожарите лани најмногу се истакна Стојанче Ангелов како тогашен директор на Центарот за управување со кризи, кој од вчера е пак на нова позиција во Дирекцијата за заштита и спасување.„Подготвуваме неколку изненадувања што ќе ни помогнат полесно да се справиме со постојните пожари. Во овој момент во државата нема ниту еден функционален ‘ер трактор’, но јас сум оптимист дека набргу ќе ги имаме трите ‘ер трактори’ заедно со посадите односно со пилотите. Тие моментално се на сервис и очекувам дека наскоро ќе бидат вратени во државата“, рече вчера Ангелов.
Климатските промени ги направија земјите од Западен Балкан уште поранливи, особено од шумски пожари. 2024 година ја одбележа најголемата штета во последната деценија од шумските пожари во Македонија, Албанија и Косово, покажуваат податоците на Европскиот информативен систем за шумски пожари (EFFIS), кој обезбедува податоци за пожарите и изгорените површини од сателитски мониторинг.Според податоците на ЕФИС, најголеми штети од шумски пожари во 2024 година се забележани во Македонија, каде според системот ЕФИС изгореле 95.181 хектар од 131 пожар што биле регистрирани во текот на годината на целата територија.