Во координирана полициска операција денеска полициските службеници од слобода лишиле 10 лица, од кои четири од Гевгелија, три од Струмица, две од Струга и едно лице од Демир Капија, соопштија од Министерството за внатрешни работи.Притоа, извршени се претреси на четири локации во Струмица, Струга, Гевгелија и Битола и се обезбедени материјални докази, односно пари и поголема количина на наркотична дрога која потекнува од правен субјект регистриран за извршување на дејност одгледување на зачински, ароматични и лековити растенија наменети за медицински цели.
Приведените лица, се наведува во соопштението, ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка, пронајдената дрога ќе биде дадена на вештачење, а по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, ќе биде поднесена кривична пријава по член 215 став 3 од Кривичниот законик – „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”.
Операцијата е спроведена од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Сектор за криминалистички истраги – Единица за недозволена трговија со дрога при Бирото за јавна безбедност, со цел сузбивање на организирана криминална група која делувала на неколку локации на територијата на Република Северна Македонија.
– Групата била инволвирана во организирање, набавка, продажба и пуштање во промет на марихуана. Имено, од октомври 2023 година кога започна акцијата преземени се повеќе оперативно-тактички мерки и активности за сузбивање на групата, се појаснува во соопштението од МВР.