Министерот за здравство, Арбен Таравари, вели дека рехабилитацијата на повредените во пожарот во дискотеката во Кочани ќе биде долг процес и оти здравствените власти ќе го дадат максимумот за последиците да бидат што помали. „Рехабилитацијата нивна нема да биде со недели, некаде и со недели, меѓутоа генерално ќе биде со месеци. Јас се надевам дека ќе дадеме максимум, меѓутоа овој ќе биде долг процес каде треба да бидеме мирни и да донесеме добри одлуки, бидејќи се работи генерално за деца. Значи, повеќето од лицата се на 15, 16, 20, 22, 23, 25 годишни на кои многу им значи надворешниот изглед. Ние како Министерство за здравство и Влада ќе дадеме максимум од себе за последиците да бидат што помали, барем на овие што преживеале и ќе се вратат во државата ќе треба да живеат нормално“, рече Таравари во вечерашното интервју за ТВ21.
Тој вели дека впечатокот на повеќе странски доктори и експерти за изгореници кои се наоѓаат во земјава е дека релативно добро се менаџира состојбата во Клиничката болница, во „8-ми Септември“ и во Општата градска болница. Министерот посочи дека последните два дена тие ги прават тријажите кои се за одење надвор, а кои за останување во државата. Министерот потенцира дека понудите за лекување на пациентите во странство биле од соседните држави и таму биле испратени најтешките пациенти. „Понудите што беа за надвор за лекување беа од соседните држави, нормално. Однесовме некои во Грција, некои во Софија и неколку пациенти во Србија. И ни се ослободија тие простори така да ги зедовме пациентите од Кочани ги зедовме во Штип, утредента повторно во понеделникот околу 37 пациенти беа испратени надвор од државата. Тие се најтешките. Првите пациенти што се испратени во Солун, во Софија и во Белград“, рече Таравари.