За овој гроздобер уште долго ќе се зборува
Кавадарци уште еднаш покажа и докажа дека е пример за тоа како треба да се биде домаќин на една манифестација од овие размери. Отсекогаш сме важеле за гостопримлив и топол народ и драго ни е што и новите генерации се воспитуваат на тој начин и што знаеме како да направиме, секој посетител на Кавадарци да се чувствува убаво и безбедно. Во Кавадарци и Македонија, но и на Балканот, Тиквешкиот гроздобер е главна тема во медиумите.
Ова секако немаше да биде возможно без сите оние кои се вклучија во организацијата и кои напорно работеа месеци наназад за се да биде во совршен ред. Тука, прво се мисли на целиот тим, сите служби на Општина Кавадарци и сите институции вклучени во текот на сите три дена. Потоа на сите помагатели, поддржувачи и донатори од бизнис секторот. Винариите и угостителите кои се всушност и носители на овој настан, медиумите кои го следеа секое случување, секој настан и информираа за тоа, и секако, најголема благодарност на кавадарчани кои се покажаа не само како добри домаќини, туку и учесници, и секако благодарност до сите посетители и гости од Македонија и надвор од неа, кои викендот го поминаа во Кавадарци. Голема благодарност за присуството и на претседателката на Република Македонија Гордана Силјановска Давкова, премиерот на Владата на Република Македонија, министри, амбасадори, пратеници, советници.
Најважно е тоа што сите три дена беше безбедно за секој и секаде, не е забележан ниту еден голем инцидент.
Кога станува збор за бројот на посетители, неофицијално, за сите три дена имавме над 120 000 посетители или многу повеќе од претходните години. Се зголемуваат и количините на испиено вино, кои според угостителските објекти и винариите надминуваат 27 тони, бело и црвено вино од Тиквешкиот крај. Ова се нови рекордни бројки на кои што сме особено горди.
Оваа година големо внимание привлече и големиот Тиквешки карневал , со голем број на учесници и нови, уникатни карневалски маски. Делегациите и високите гости беа воодушевени и ги испративме со позитивни впечатоци. Детското карневалско дефиле беше бајка која вклучи над 1200 дечиња кои донесоа радост и насмевки. Имавме успешни и исполнети три дена, културни, забавни, музички содржини. Имавме програма за сечиј вкус. Успешен карневал, гости и делегации од секаде, и секако од државниот врв.
Го имавме најуспешниот Тиквешки гроздобер до сега!
Ваша, општина Кавадарци!