Еуростандард банка жртва на заробена држава
Трифун Костовски
Почитувани читатели во денешната колумна поврзана за Еуростандард банка, сакам да дадам еден нов приод зошто ова ми се случува мене и на многумина како мене.
Ја изгубив Еуростандард банка и сиот капитал во нејзе. Со носењето на Еуростандард банка во стечај, јас изгубив додатно два пати повеќе финансиски средства, отколку капиталот во банката.
Со носењето на Еуростандард банка во стечај ми е замрзнат сиот имот во Македонија, па дури и имотот кој го имам наследено од моите пра-пра родители. Дефиницијата за организиран криминал е кога поединци и групи успеваат да ги стават под своја контрола институциите на системот, кој треба да ја гарантираат функционалноста на државата. Накратко кажано, организираниот криминал е спој меѓу поединци и групи и институции на системот.
Градиме демократско општество веќе полни 3, 5 децении. После распадот на СФРЈ, Република Македонија тргна по свој пат да гради демократско општество со повеќепартиски систем.
Првата деценија ја паметиме како период на масовно уништување на сѐ што претставуваше производен капацитет од бившата СФРЈ. Многу фабрики се згаснаа како ,,Годел”, ,,Газела”, ,,Охис”, ,,Стаклара”, ,,Треска”, ,,Силика” Гостивар, ,,Црвена звезда”–Пехчево, ,,9-ти Мај-Неготино”, ,,Порцеланка” –Велес, ,,Нонча Камишева”-Велес, ,,Елегант” –Гевгелија, ,,Астибо”-Штип и уште многу, многу други производни капацитети.Оваа деценија ја паметиме како кражба на општествениот имот од страна на поединци и групи.
Со доаѓањето на владата на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Љубчо Георгиевски, се внесе една нова димензија во нашето практикување на политиката, а таа е моќта на политичарот. Да се биде политичар денес е најсилната матрица за професија.
Премиерот Георгиевски без никаков работен стаж и работно искуство, за време на својот мандат прими вкупно 50 илјади марки како надокнада за неговата премиерска функција, која ја вршеше цели 48 месеци и замислете, стана силен стопснственик и богат граѓанин на Република Македонија.Во време на неговиот мандат умееше да каже дека тој е богат колку еден добар бизнисмен во Македонија.
Токму неказнивоста на овој човек стана синоним за натамошното безмилосно крадење на сопствениот народ од сите политички субјекти кои до ден денешен се изредија во нашата политичка јавност.
Градиме демократско општество во кое треба да го гарантираме правото на слобода и заштита на капиталот вложен во функционалност на општеството.
Политичките партии треба да бидат синоним за изградба на праведно општество. Бевме сведоци кога во времето на премиерот Груевски, партијата ВМРО-ДПМНЕ купуваше недвижен имот за да ги лоцира своите партиски месни заедници низ државата. Непрофитна партиска организација создава профит и купува имот.Неказнивоста оди до степен на апсурд. Пред очи ни бегаат криминалци и стануваат азиланти во туѓи држави. Сите го знаеме нивното место на живеење и вообичаено ние граѓаните на Македонија, предводени од нашите политички партии, се правиме на ,удрени”.
Врвот на организираниот криминал, кој денес е неприкосновен ,,бренд” во Република Македонија, се појавува во времето на Заев и неговиот наследник Ковачевски.
Жално е што денес во Македонија да се краде и да се посега по туѓо се прифаќа како нешто нормално.
Нашиот народ умее да каже „нека краде , ама со усул”. Не може така, треба нулта толеранција за било каков криминал од најмал до најголем. Тоа е единственото решени да ја вратиме државата на граѓаните.Во целата македонска политичка реалност единствена партија која нема никакви проблеми со финансирањето е партијата ДУИ. Зашто е тоа така, одговорот треба да го дадат органите на прогонот.Партиите од македонскиот блок сите до една „кубурат” со финансиски средства. Токму недостатокот на финансиски средства ги тера партиите да клекнуваат пред еминенциите кои го контролираат финансискиот сектор во државата.
До денес имотите на нашите најголеми политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, поради нередовност при плаќањето на своите кредитни обврски, требаше да имаат конфискуван имот. Со еден збор, требаше да банкротираат. Тоа не се случи.Токму тука е вистинската генеза на она што ни се случува денес во Република Македонија. Рибата смрди од главата, а владеачките политички партии се тие кои го креираат нашето секојдневие.Ако политичката партија оди на „баци рака” кај нејзиниот финансиер, тогаш таа мора да одработи за него.
Се прашувам, дали нашите политички партии имаат вистинска слобода во креирањето на иднината на државата или стануваат зависници од своите финансиски гуруа.
Повторувам, проблемот со криминалот и корупцијата во државата е спрега меѓу зависни партии и деликвентни поединци и групи кои умеат да владеат со политичките партии.
Еуростандард банка е само една од жртвите на организираниот криминал кој нема ниту национална ниту верска обоеност.
Доаѓаат избори, надежта за промени е светилник во мојата мисла. Со душа го чекам тој ден