„Луѓе седеа на клупа кога се урна настрешницата, згмечувајќи невини души во моментот. Тој звук беше како детонација, како да се отвори земјата. Едноставно е неописливо, не знаев каде сум”, раскажува за „Нова.рс“ човек кој бил оддалечен 20 метри од настрешницата која падна од Железничката станица во Нови Сад и усмрти 14 лица.
„Сите застанавме, збунети и во шок. Се замрзнав на место, не можев да се движам. По неколку секунди, кога сфативме што се случило, истрчавме кон урнатините, надевајќи се дека ќе најдеме некој кој преживеал. Но, тоа беа тони бетон, а ние, обичните граѓани, не можевме да направиме ништо пред нашите очи, во само еден момент загинаа толку луѓе“, вели човекот. Додаде и како една жена го оставила своето дете на клупа пред станицата и отишла да купи билет, а потоа низ стаклото на железничката станица видела како настрешницата паѓа на таа клупа.
„Се обидуваше да дојде до детето, плачеше и плачеше. Срцето ми се скрши. Никогаш нема да може да си прости, не знам ни како ќе продолжи. Ниту таа, ниту сите семејства на невините жртви. Во тој момент луѓето истрчаа, но никој не знаеше што да прави“ вели тој и потенцира дека можело да бидат повредени уште многу луѓе.
„Во близина има автобуска станица, каде застануваат градски и училишни автобуси полни со деца. Можеше да има повеќе жртви. Да се приближев малку поблиску, можеби и јас ќе бев една од тие жртви“, вели тој.
Во вчерашниот пад на челичната настрешница на влезот на железничката станица во Нови Сад загинаа 14 лица, а уште три лица се во животна опасност. Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ денеска изјави дека се истражува зошто настрешницата на Железничката станица во Нови Сад не била предмет на реконструкција и додаде дека истрагата ќе покаже кој е одговорен за несреќата.