Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека образовни асистенти ќе има во училиштата од вторник. Според неа, проблем со асистентите нема, туку вината била кај петте ресурсни центри кои требало да ја завршат оваа работа, но и кај директорите на училиштата.
„Проблем со асистентите нема, има со училиштата. Пет дена се работи она што Министерството го работи во еден ден. Им порачувам на родителите, асистенти ќе има, очекувам асистенти да има во вторник“, рече Јаневска.
Учениците од шесто до деветто одделение ќе остануваат секој ден по шест часа во училиште. Но, како што вели министерката, тие нема да седат цело време на клупа, туку ќе имаат многу спорт и информатика, заеднички ќе истражуваат и ќе го усовршуваат материјалот. Ќе имаат празен час на кој што ќе разговараат на различни теми. Од оваа учебна година почна едносменската настава, која е воведена во 140 основни училишта. Во останатите училишта, каде што нема услови за едносменска настава, нема да важи реформата за подолг престој во училиште.