Денес во Собранието се одржа Првата седница на Интерпартиската парламентарна Група (ИППГ) за поддршка на Кримската платформа. Седницата ја отвори и со неа претседаваше претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Африм Гаши, кој воедно е иницијатор и претседател на ова неформално тело.
Претседателот Гаши им се заблагодари на пратениците за поддршката на неговата иницијатива и им посака активна, посветена и продуктивна работа во Групата. „Денешнава седница и формирањето на оваа Група го приклучува Собранието кон гласноговорниците против руската агресија и испраќа моќна порака дека човековите слободи и права, владеењето на правото, меѓународно признатите граници и територијалниот интегритет мора да се почитувани и заштитени.“ – рече Гаши во своето обраќање.
На седницата се обрати и амбасдорката на Украина, Н.Е. Лариса Дир; потпретседателот на Собранието, г. Антнонио Милошоски, потпретседателот на Собранието, г. Јован Митревски и во име на потпретседателката на Собранието, г – ѓа Весна Бендевска се обрати пратеникот, Павле Арсоски.Амбасадорката Дир нагласи дека Украинците ја чувствуваат поддршката од Република Северна Македонија, која високо се цени на сите нивоа на управување во Украина.
Искажа благодарност за формирањето на ИППГ како додадена вредност на постојаните помош и поддршка која нашата држава ја дава на Украина, и во материјален и во политички и во дипломатски контекст. Во своите обраќања говорителите ја подвлекоа отворената, непоколеблива и постојана поддршка на Република Северна Македонија кон Украина за зачувување на суверенитетот и територијалниот интегритет.
Се согласија оваа ИППГ да се фокусира на неколку главни точки во својата работа и делување: консолидација на политиката на непризнавање на обидот за припојување на Крим; осуда за кршењето на човековите права, меѓународното хуманитарно право, заканите за животната средина, засилен мониторинг на спроведувањето на рестриктивните мерки и нивно доследно спроведување; потоа надзор и будност за секојдневното зголемување на безбедносните и хибридни закани; како и политика за обезбедување слобода на навигација и спречување на блокадата на транспортните коридори.
7 октомври 2024 година