Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска во просториите на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид се обрати на прес-конференција по повод најновите археолошки откритија во Охридско-струшкиот Регион.
На прес-конференцијата, на која ексклузивно беа изложени дел од пронајдоците, министерот Љутков рече станува збор за голем научно-истражувачки успех кој не само што фрла нови светла на археолошката историја на нашата земја, туку и претставува значаен придонес во европското и светското археолошко наследство.
„Пред нас и пред целата јавност денеска ексклузивно ги презентираме вредните наоди откриени на локалитет во Охридско-струшкиот регион. Истражуваниот локалитет на ова место претставува некропола од архајскиот период (6 век пр. Христа), која по многу нешта наликува на далеку попознатата Требенишка некропола која е во непосредна близина. Во рамките на гробната целина регистрирани се околу 80 наоди, од кои дел се пред нас.
Откритијата се резултат на последните археолошки ископувања кои го осветлуваат животот на цивилизациите што оставиле траги од минатото, но чија култура и влијание се и понатаму значајни за нашето разбирање на историскиот контекст“, рече министерот Љутков. Тој информираше дека археолошките истражувања се дел од проектот за „Систематски археолошки истражувања на архајската некропола Корошишта“ на Археолошкиот музеј, што се одвиваат на локалитетот Расница во атарот на с. Корошишта, Струшко.
Се започнало во 2020 година кога Шефит Шемшедини при извршување на земјоделски работи во атарот на с. Корошишта, Струшко открива бронзен шлем кој потоа го предава во Завод и музеј Охрид. Министерот изрази голема благодарност за одговорниот пристап кон културното наследство и за несебичната помош и соработка.
„Зачувувањето на нашето културно наследство, не е само наша обврска, туку и одговорност кон идните генерации. Со овие откритија, не само што го прошируваме нашиот историски контекст, туку ја зацврстуваме нашата позиција како важен чинител на регионалната, балканската и европската археолошка сцена“, рече Љутков. Археологот Перо Арџанлиев раководител на истражувањата информираше дека во 2023 година тимот од Археолошкиот музеј Скопје добива согласност од сопственикот на нивата Букури Шемшедини за вршење археолошки истражувања.
„Во рамки на гробната целина откриени се бронзен шлем; златни прстени, килибарни и стаклени перли; златни фолии со различни форми и декорација; сребрени игли; бронзен сад за вино; сребрен кантарос; бронзени чинии и др кои подоцна ќе бидат конзервирани и претставени пред јавноста. Овие наоди се од посебно значење за научниот и културниот аспект на истражувањата туку тие ја надополнуваат и сликата за нашето познавање за културно-историските и општествени прилики во овој регион“, рече Арџанлиев.
Инаку во Охридско-струшкиот Регион досега се истражувани голем број на некрополи од архајскиот период, со богати гробни наоди што сугерира на активен живот на високо организирана социјална елита на овој простор во тоа време.
На прес-конференцијата на која беа изложени ексклузивно дел од пронајдоците присуствуваа и директорите на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј-Охрид, НУ Археолошкиот музеј од Скопје и на НУ Музеј Д-р Никола Незлобински од Струга, Горан Патчев, Славица Бабамова и Цветлана Василевска како и археологот Перо Арџанлиев со дел од тимот археолози.