

Потребно е зголемување на оперативната и стратешката размена на податоци и координирање на заеднички акции со меѓународните организации и локалните тела на полето на меѓуинституционална и меѓународна соработка за борба против финансискиот криминал.
Развивање на intelligence-led policing (ILP) во агенциите за подобро стратегиско раководење со случаите, како и зголемување на капацитетите преку дообучување на персоналот, воведување на специјализирани тимови и технолошко зајакнување на информациските системи, но и имплементација на напредни дигитални системи за подобра размена на податоци помеѓу институциите.
Ова се дел од предлог-препораките од денешната 15та сесија на Работна група 4 – Правда, Слобода и Безбедност (Поглавје 24) на тема: „Предизвиците во борбата со финансискиот криминал во Република Северна Македонија: Важноста на ефикасните финансиски истраги“, која се одржа во Скопје.
На сесијата се препорача и продолжување на соработката со ЕУ агенциите и усвојување на EMPACT платформата за подобро справување со финансискиот криминал, како и воспоставување на систем на приоритети и задолжителни истраги за случаите со висок ризик, потоа подготовка на долгорочна
стратегија за периодот 2024-2026 година и годишен акциски план за континуирано спроведување на активностите и обука и дополнителни ресурси на институциите за органите на редот за успешно справување со финансиските истраги и зајакнување на инфраструктурата и ресурсите.
Говорниците на денешната сесија заеднички констатираа дека е потребно зајакнување на капацитетите на институциите и меѓуинституционалната соработка преку што ќе се зголеми ефикасноста во финансиските истраги и борбата против организираниот криминал и корупцијата.
###
Проектот Национална конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија е платформа за вклучување на граѓанскиот сектор во дебати за теми поврзани со процесот на европската интеграција, со цел да се подготват сите капацитети на државата за претстојниот процес на преговори со ЕУ. Проектот се реализира од страна на Европското движење во Република Северна Македонија, а е финансиран од Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија и SlovakAid.